Романската Патријаршија бара од Шведска да го врати семејството Самсон во Романија

Романската Патријаршија изрази загриженост за многу тешката состојба на романското семејство Самсон во Шведска, откако државата ги одзеде нивните две ќерки, Сара и Тијана, од нивните родители, како резултат на одлука на локалните власти на 2 декември 2022 година.

Иимено, двете најстари ќерки на христијанскиот брачен пар Даниел и Бјанка Самсон биле одземени од шведските служби за заштита на деца, откако најстарата ќерка поднела лажна пријава во училиште — поттикната од тоа што родителите ѝ забраниле користење мобилен телефон и шминка — тврдење кое подоцна го повлекла, но кое сепак довело до обвинувања за „верски екстремизам“ од страна на државата.

Православниот брачен пар кој живеел во Шведска речиси десет години, тврди дека шведските власти потоа го игнорирале најдобриот интерес на децата со тоа што одбиле повторно обединување на семејството — дури и откако единствените обвинувања биле повлечени и обвинителството утврдило дека нема докази за злоупотреба. Ќерките се одвоени од родителите и една од друга од декември 2022 година, без докази за злоупотреба и покрај влошувањето на нивното физичко и ментално здравје во згрижувачки семејства и нивната повторена желба да се вратат кај родителите.

Случајот отвора сериозни прашања за одложувања, пречекорување на овластувања и можна дискриминација врз христијани во системот за заштита на деца во Шведска. Државата го навела редовното одење во црква на семејството трипати неделно како поткрепа за обвинувањата за „верски екстремизам“, иако тоа е израз на нивните верски убедувања и претставува заштитено право според меѓународното право за човекови права. На семејството Самсон моментално им е дозволена само една контролирана посета месечно, а ситуацијата дополнително се комплицира бидејќи девојчињата се сместени во различни згрижувачки семејства, далеку една од друга.

Во март 2026 година, Европскиот суд за човекови права ја прогласил жалбата на Даниел и Бјанка Самсон против Шведска за недопуштена. Родителите барале правда пред Судот за да го повратат старателството над своите ќерки, тврдејќи сериозно кршење на родителските права. Одлуката за недопуштеност е конечна и не може да се обжали.

Во соопштението од Романската Патријаршија поврзано со овој случај се вели:

Црквата отсекогаш учи дека примарната одговорност за воспитувањето и формирањето на децата им припаѓа на родителите, и дека семејството останува природната и од Бога благословена средина за хармоничен развој на децата.

Понатаму, Црквата ја брани достоинствената улога на семејството во општеството и постојано ја поттикнува соработката меѓу државата и Црквата во сите области поврзани со социјалната, образовната, духовната и културната благосостојба на семејството.

Соодветно на тоа, изразуваме солидарност со семејството Самсон и ја поддржуваме иницијативата преземена од Сенатот на Романија во неговиот апел до шведската држава за враќање на двете ќерки на семејството Самсон во Романија, за да се создадат неопходни услови за обновување на семејниот живот и двете сестри повторно да живеат со своите родители и помладите браќа.

Истовремено, се молиме Бог да им даде сила и надеж на децата и родителите што минуваат низ ова тешко искушение, и да ги просветли сите што се одговорни за решавањето на оваа ситуација.

Извор: https://basilica.ro/en/romanian-patriarchate-samson-family-sweden-repatriation/ и https://adfinternational.org/cases/samson-family