Русија со закон го забрани сатанизмот

Врховниот суд на Русија го прогласи „Меѓународното движење на сатанизмот“ за екстремистичка организација и ја забрани неговата активност на територијата на Руската Федерација. Седницата се одржа зад затворени врати и без присуство на претставници од тужениот. Руските медиуми известуваат дека одлуката стапува на сила веднаш, но може да се обжали пред апелација во рок од еден месец.

Судењето се одвиваше затворено за медиумите. Причините поради кои институциите и судот го прогласија сатанизмот за екстремизам не се објавени — материјалите од случајот не беа достапни за јавноста. Новинарите беа пуштени само за читање на пресудата.

Генералното обвинителство, коментирајќи ја одлуката на судот, изјави дека учесниците во движењето јавно повикуваат на екстремизам и „уништување на храмови“. „Следбениците на движењето се држат до заеднички принципи на сатанизмот, користат заедничка симболика и обележја, вршат окултни обреди. Неговата идеолошка основа ја сочинуваат изданија кои се прогласени за екстремистички материјали. Движењето е тесно поврзано со радикален национализам и неонацизам. Освен ритуални убиства, членовите извршуваат и други кривични дела, вклучително и против малолетници“, се вели во соопштението.

Кои движења ќе бидат забранети

Одлуката на Врховниот суд се однесува не само на формално регистрирани организации, туку и на нерегистрирани групи и заедници, објасни судскиот експерт и експерт за религии Игор Иванишко.

Според Иванишко, прво под забрана ќе се најде „Храмот на сатаната“ — меѓународна сатанистичка секта основана во 2012 година и регистрирана во САД, која има 23 ограноци и над 10 милиони следбеници. Во декември 2024 година, Генералното обвинителство ја прогласи за „непожелна организација“, поради активна поддршка на украински нацистички баталјони и објави за финансиски донации од САД за Украина. Оперативни служби пронашле руски членови на „Храмот на сатаната“ вмешани во антидржавни активности, вклучително и уништување на електродистрибутивната мрежа и други саботажи. Според Иванишко, тие биле убедувани дека тоа го бара од нив самиот „кнез на мракот“. По стапувањето на сила на пресудата, „Храмот на сатаната“ ќе се смета не само за непожелна, туку и за екстремистичка организација, како дел од „Меѓународното движење на сатанизмот“.

Под забрана ќе паднат и други секти, како „Храмот на Сет“ — секта на сетајанците, која веќе била разгледувана од безбедносните органи како кандидат за прогласување за непожелна.

Експертот посебно го нагласи забранувањето на „групите од правецот на Лавеј“ — „една од најбројните форми на сатанизам во Русија“, која потекнува од „Црквата на сатаната“, основана од Антон Лавеј во 1966 година. Според Иванишко, сите вакви групи со „долги и заплеткани имиња“ ќе бидат забранети.

Од радикалните правци, тој ги издвојува антикосмистите — „агресивни анархисти меѓу сатанистите“, како и дуотеистите — сатанисти кои свесно застануваат на страната на Злото според христијанската традиција. За разлика од нив, луциферијаните сметаат дека Луцифер е „ангел на светлината“ кој донел знаење на луѓето, а Библискиот Бог е „деспот“. Под забрана паѓаат и демонолатрите — следбеници на култ кој се фокусира на поврзување со одреден демон, наместо со самиот сатана.

Според процените, пресудата фактички ги опфаќа „неколку десетици правци на сатанизам“ во Русија. Полна листа би барала обемен текст.

Како ќе се променат полиците и онлајн продажбата

Според Иванишко, уметничките дела, театарски претстави, филмови и уметнички предмети нема да бидат забранети. Ќе се повлечат само материјали (видео, аудио, печатени, електронски) произведени со цел промоција на сатанистичката идеологија.

Онлајн платформите и продавниците ќе треба да ги отстранат производите со сатанистичка симболика: обетки со превртени крстови, медалјони со Бафомет и пентаграми, натписи кои го слават сатаната итн.

Извор: https://www.rbc.ru/society/23/07/2025/687f58149a79474bfe8d52df