Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација на 3 јуни 2026 година објави соопштение во кое тврди дека Европската Унија врши притисок врз државните власти во Ерменија да ги прекинат верско-духовните врски со Москва, како задолжителен услов за евроинтеграцијата.
Во документот се наведува дека Партнерската мисија на Европската Унија во Ерменија, основана во април оваа година, презема активности насочени кон ограничување на дејноста на Ереванско-ерменската епархија на Руската православна црква. Меѓу другото, се тврди дека постојат обиди за оспорување на правата на епархијата во однос на користењето на црковниот имот и за попречување на нејзините контакти со локалните верски институции, особено со Ерменската апостолска црква.
Руската разузнавачка служба понатаму тврди дека се подготвуваат компромитирачки материјали против претставници на Ереванско-ерменската епархија на Руската Црква, со цел да се поттикнат пошироки мерки против Црквата.
Во продолжение го пренесуваме соопштението од Службата.
Евроантихристите ја насочија својата цел кон Руската православна црква во Ерменија
Прес-бирото на Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација (СВР) соопштува дека, според информациите што пристигнуваат до СВР, раководството на Европската Унија агресивно се зафатило со истиснување на Руската Православна Црква (РПЦ) од Ерменија. Како задолжителен услов за евроинтеграцијата, пред ерменските власти се поставува барање за целосно прекинување на повеќевековните верско-духовни врски со Москва.
Партнерската мисија на ЕУ во Ерменија, основана во април годинава, во рамките на решавањето на оваа политичко-идеолошка задача презема злонамерен напад врз руското православие. Претставниците на ЕУ се обидуваат да ја лишат Ереванско-ерменската епархија на РПЦ од правото на користење на црковниот имот, како и да го блокираат нејзиниот дијалог со локалните верски структури, пред сѐ со Ерменската апостолска црква.
Европската Унија јасно покажа на кој начин има намера да се бори против „хибридните“ закани во Ерменија, извршувајќи груб напад врз настојателот на храмот-параклис „Св. Архангел Михаил“ при 102-та воена база на Вооружените сили на Руската Федерација во градот Ѓумри, свештеникот на РПЦ Тимотеј Казарјан. Невладините организации „Сојуз на информирани граѓани“ и „Ванадзорска канцеларија на Хелсиншкото граѓанско собрание“, поддржани од Брисел, го обвинија скромниот свештеник, ни помалку ни повеќе, за мешање во парламентарните избори во Ерменија што треба да се одржат на 7 јуни годинава. Според податоците со кои располага СВР, таканаречените европски партнери во моментов фабрикуваат компромитирачки материјали и против други претставници на Ереванско-ерменската епархија на РПЦ, со цел да ги поттикнат ерменските власти да започнат широки прогони против неа.
Во оваа врска би сакале да ги потсетиме европските чиновници дека историјата на односите меѓу Ерменија и Русија е неспоредливо постара од историјата на Европската Унија. Духовно-религиозните врски на нашите братски народи се подлабоки и поцврсти од какви било политичко-технолошки проекти. Тие преживеале многу нешта и, секако, ќе ги преживеат и нападите на претставниците на ЕУ кои одамна се откажале од својот културно-историски идентитет и ги заборавиле сопствените корени.
