Рускиот Патријарх награден за придонес во зацврстувањето на единството на нацијата

На 4 ноември 2025 година, на Денот на народното единство во Русија, во Московскиот Кремљ се одржа свеченото врачување на државните одликувања и на наградата на Претседателот на Руската Федерација за придонес во зацврстувањето на единството на руската нација. Високите одликувања ги врачи Претседателот на Русија Владимир Путин.

Меѓу добитниците на претседателската награда за придонес во зацврстувањето на единството на руската нација за периодот од 2023 до 2025 година е и Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус г.г. Кирил, кој учествуваше на свечената церемонија.

Шефот на државата им го честиташе на присутните празникот на народното единство: „Овој празник е востановен во спомен на подвигот на нашиот народ, кој пред повеќе од четири века застана во одбрана на независноста на Татковината. Токму неговата голема сплотеност, чувството на одговорност и должноста кон татковината овозможија да се зацврстат државните темели и да се одбрани светото право да се држиме до сопствените корени и морални потпори. И денес, чувајќи ги тие традиции, со мирољубива, конструктивна и борбена работа го браниме суверенитетот, честа и достоинството на родната Русија“ – рече претседателот Путин.

„Верноста кон нашето единство, засновано на заедничките духовни вредности, ја поддржува Светскиот руски народен собор. Раководител на ова угледно општествено здружение, Патријархот Московски и на сета Рус Кирил, неуморно ги промовира идеите на дијалог и соработка на сите конструктивни сили во Русија, како и на руските заедници во странство“, истакна Претседателот.

„Од срце му благодарам на Неговата Светост за огромниот придонес во зацврстувањето на единството на руската нација и му честитам за почесното звање лауреат на оваа награда“ – рече Путин, врачувајќи му ја наградата на Патријархот Кирил.

Извор: https://www.patriarchia.ru/article/118104