Веќе следниот ден по смртта на Филарет Денисенко (за што известивме), самопрогласената Киевска Патријаршија (УПЦ-КП) објави дека е избран нов Патријарх: дотогашниот архиепископ Сумски и Охтирски Никодим. Новиот „патријарх“ бил избран со тајно гласање на вонредна седница на архијерејскиот собор. Ова стана познато од видео снимка и изјава објавени од новоизбраниот поглавар во саботата, на 21 март.
Архиепископот Никодим соопшти дека „во гласањето учествувале архијереи и од Украина и од странство, при што двајца од нив се вклучиле онлајн“. Актот за избор „го прочитал архиепископот Днепарски и Криворожски Даниил“. Тој наведе дека „во постапката учествувале осум архијереи, меѓу кои митрополитите Јоасаф и Филарет, архиепископите Андреј, Никодим и Даниил, како и епископите Никон, Михаил и Петар“. Се наведува дека Никодим бил избран едногласно со тајно гласање. Во исто време, „архиепископот Белоцерковски Андреј одбил да учествува во процесот, наведувајќи прекршување на правилникот и уставот на црквата“.
Заедно со објавата за изборот на новиот поглавар беше објавена и заедничка изјава на архијереите на УПЦ-КП. Во неа се тврди дека раководството на ПЦУ (Православна црква на Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија) со сила го презело телото на патријархот Филарет од болница и го пренело во храмот „Св. Архангел Михаел“.
Исто така, се наведува дека архиереите на УПЦ-КП биле принудени да го напуштат соборниот храм „Св. Владимир“ во Киев под закана дека ќе биде повикана полиција, кога се обиделе таму да одржат собор и опело за Филарет. Тие нагласиле дека имаат намера да ја зачуваат УПЦ-КП како независна институција, без приклучување кон други црковни структури.
