На 20 март 2026 година, се упокои т.н. „Патријарх“ Филарет од самопрогласената Киевска патријаршија. Стариот „Патријарх“ Филарет во последните денови, по влошување на здравствената состојба, беше хоспитализиран во медицинска установа во Киев. Треба да се напомене дека Филарет беше во 98-та година од својот живот.
Роден е како Михаило Антонович Денисенко во 1929 година во селото Благодатное, во Донецката област на Украинската советска социјалистичка република.
Во 1950 година бил замонашен во Троице-Сергиевата лавра, близу Москва, и истата година бил ракоположен за ѓакон од страна на Рускиот Патријарх Алексиј I. На 18 јуни 1951 година бил ракоположен за свештеник.
Во 1952 година дипломирал на Московската духовна академија.
Служел како ректор на Саратовската духовна семинарија и на Киевската духовна семинарија (1958–1960). Во 1958 година го добил чинот архимандрит.
Во 1962 година бил ракоположен за епископ Лужски, викар на Ленинградската и Ладожката епархија, а истовремено бил поставен и за местобљустител на Рижката епархија. Потоа бил разрешен од должноста викар на Ленинградската епархија и бил назначен за местобљустител на Средноевропската егзархија на Руската Православна Црква. Истата година бил избран за епископ на Виена и Австрија.
Во 1964 година бил поставен за епископ Дмитровски, викар на Патријаршиската епархија на Москва и ректор на Духовната академија во градот. Истата година бил унапреден во архиепископ и избран за архиепископ Киевски и Галициски. Во 1968 година бил унапреден во митрополит.
Во 1990 година влегува во најтесниот избор за Руски Патријарх, како еден од тројца кандидати, но не е избран тој, туку Алексиј II. Истата година, со одлука на Архијерејскиот собор на Руската Православна Црква, титулата Митрополит Киевски и Галициски била изменета во Киевски и на цела Украина, а дотогашниот Украински егзархат станува автономна Украинска Православна Црква, на чие чело е Филарет.
Кога Украина излегува од составот на Советскиот Сојуз во 1991 година, Филарет настојува на автокефалност на Украинската Православна Црква. Оваа иницијатива не е прифатена од Соборот на Руската Православна Црква, која бара од Филарет да даде оставка заради водење неморален живот и лошо раководење на Црквата. На 27 мај 1992 година, на Архијерејскиот Собор на Украинската Православна Црква Филарет е разрешен од позицијата митрополит Киевски, а Светиот Собор на Руската патријаршија го лишил од чинот на 11 јуни.
Две недели подоцна, на 25 јуни, Филарет, заедно со архијереите и свештениците кои го следеле, ја основал т.н. „Украинска Православна Црква – Киевска патријаршија“ (УПЦ-КП) и започнал самостоен пат од Руската Православна Црква, која го анатемисала во 1997 година. Овој чин не бил признаен од синодот на УПЦ-КП, но бил признаен од целата Православна Црква, вклучително и од Цариградската патријаршија.
Светиот Синод на Цариградската патријаршија, со писмо испратено до патријархот московски Алексиј II во јули 1992 година, ја прифатил одлуката за лишување од чин на Филарет, а Цариградскиот патријарх Вартоломеј го признал неговото анатемисување со писмо до патријархот Алексиј II во април 1997 година.
На 11 октомври 2018 година, Цариградската патријаршија одлучи да ги врати во заедница клириците и верниците на УПЦ-КП во Православната Црква. Со своја одлука, Светиот синод на Цариградската патријаршија го врати Филарет во епископски чин, признавајќи го со титула „поранешен митрополит Киевски“, не прифаќајќи ја титулата „патријарх“, додека за Руската Православна Црква, и најголем дел од останатите Православни Цркви, и понатаму важи одлуката за негово лишување од чин и анатема. Истовремено Цариградската Патријаршија ја оформи „Православната Црква на Украина“ (ПЦУ) на чие чело го постави Епифаниј од УПЦ-КП, чии ракополагања (во ѓаконски, свештенички и епископски чин) од страна на Филарет се во време кога Православната Црква (вклучително и Цариградската Патријаршија) го признавала лишувањето од чин и анатемисувањето на Филарет, заради што голем број архијереи сметаат дека има невалидно ракополагање, а тој став неодамна го изнесе и Митрополитот Берлински Марко, како што пренесовме.
Во 2019 година, поради низа несогласувања, Филарет се одвојува од ПЦУ и ја обновува УПЦ-КП на чие чело остана до своето упокојување. УПЦ-КП продолжува да постои независно од ПЦУ и по упокојувањето на Филарет брои дванаесет архијереи.
