Во петокот, на 31 октомври 2025 година, Светата киновија на Света Гора испрати писмо до извршниот директор на Грчката пошта, г. Григориос Склика, во кое бара да се преиспита донесената одлука за затворање на поштенската единица на главното светогорско пристаниште – Дафни.
Според информациите на грчкиот црковен портал „Ромфеа“, споменатата поштенска единица нема речиси никакви трошоци и се смета за профитабилна, и покрај тоа што е на списокот на единици што треба да бидат затворени. Поштенската единица во Кареа, административниот центар на Света Гора, не е засегната и не е предвидена за затворање.
Во писмото кое го објави „Ромфеа“, Светата киновија го изразува своето жалење поради оваа намера и ја нагласува исклучителната важност и неопходност на оваа поштенска единица која ја користат осум од вкупно дваесетте манастири на Света Гора, како и четири од најголемите скитови. Во писмото се нагласува дека оваа поштенска единица истовремено за монасите е единствено место каде што добиваат одредени банкарски услуги, бидејќи во Дафни нема банка.
На крај, во писмото се вели:
Дополнително, бидејќи се наоѓа во главното пристаниште на Света Гора, поштенската единица во Дафни претставува прва официјална слика на Грчката држава за секој пристигнат поклоник, претставник на Црква или странски достоинственик. Нејзиното присуство, покрај другите државни служби (Полиција, Капетанија на пристаништето, Царина), го украсува просторот и ја претставува Грчката држава како онаа која со почит и дејствителна грижа се однесува кон ова свето место, кое претставува еден од најзначајните религиски дестинации во светот.
Од сето погоре јасно произлегува дека евентуалното ослабување или прекин на работата на поштенската станица во Дафни би предизвикало не само административни и практични потешкотии, туку и морален удар за грчкото присуство на Света Гора, која претставува светско духовно и културно богатство.
Извор: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/72789-kleinoun-ta-elta-agion-oros
