Автор: Кирил Александров
Богородичната црква во Париз (Нотр Дам) беше сериозно оштетена од пожар, на 15 април 2019 година. Тогаш огнот уништи сè што можеше во катедралата, и ако не беа пожртвуваните акции на пожарникарите, овој храм со 850-годишна историја можеби воопшто немаше да може да се обнови.
Некои аналитичари тогаш коментираа дека пожарот можеби е симбол на откажувањето на Европа од христијанството. Дека во Франција, како и во другите европски држави, христијанството станало непотребно, вишок, та следствено – и христијанските храмови се вишок. И дека токму во тоа би можела да лежи вистинската внатрешна причина за пожарот. А еве ја сега катедралата Нотр Дам обновена. Дали тоа значи дека претходните претпоставки биле погрешни? Дека сè уште има надеж за обновување на христијанската вера кај луѓето? Дека сè уште може да се возобнови во поранешната величественост, како и Нотр Дам? Ајде да погледнеме и да размислиме.
Свечено отворање
Свеченото отворање беше грандиозно. На настанот беа поканети околу 1500 гости: политичари, бизнисмени, општествени и религиозни дејци. Меѓу нив беа претседатели и премиери од повеќе од 40 земји, вклучувајќи го британскиот принц Вилијам, избраниот претседател на САД Доналд Трамп, актуелната прва дама на САД Џил Бајден, претседателот на Германија Ханс Штајнмаер, претседателот на Украина Владимир Зеленски, кралот на Мароко Мухамед VI, претседателот на Италија Серџо Матарела и други.
Програмата за отворање на катедралата започна во 19 часот на 7 декември 2024 година, со директен пренос на телевизиски канали од повеќе од 20 земји. Под звукот на ѕвоната, Архиепископот на Париз, Лорен Улрих, симболично тропна со жезолот на вратите на катедралата. Жезолот е необичен, направен од парче изгорено дрво од ентериерот кој преживеал во пожарот.
Потоа Францускиот Претседател Емануел Макрон и гостите влегоа во храмот и започна церемонијата. Макрон имаше обраќање кон присутните. Патем речено, каде тој ќе произнесе слово беше камен за сопнување помеѓу светските власти и католичкото свештенство. Париската архиепископија настојуваше Макрон да говори надвор, а властите – внатре во храмот. Архиепископијата изјавуваше дека не е умесно Претседателот да стои пред олтарот и да говори, бидејќи храмот не е место за политички изјави. Сепак, на крајот Макрон говореше во храмот.
Говорот на Макрон не се одликуваше со оригиналност. Тој изрази благодарност до „француската нација, до сите оние кои ја спасија, помогнаа и ја обновија Нотр Дам“, спомна за херојството на пожарникарите, спомна бројка од 340 илјади луѓе од целиот свет кои донирале за обновата на катедралата. Патем, лавовскиот дел од тоа го сочинуваат донациите на само неколку милијардери. На пример, семејството Бетанкур-Мајерс, кое е сопственик на компанијата L’Oreal, донираше 200 милиони евра. Исто толку донираше и Бернар Арно, шеф на компаниите LVMH (брендовите Christian Dior, Louis Vuitton, Givenchy, Hennessy и други). Франсоа-Анри Пино, сопственик на компанијата Kering (брендовите Saint Laurent, Gucci и Balenciaga и други) донираше помалку – 100 милиони евра. Вкупно за реконструкцијата беа потрошени околу 1 милијарда евра.
Макрон им се заблагодари на градителите и реставраторите, спомнувајќи ги поединечно, по име, раководителите кои ја изведуваа реставрацијата. Крајот на говорот на францускиот претседател звучеше патетично: „Катедралата е среќна метафора за тоа каква треба да биде нацијата и светот… Нотр Дам ни сведочи дека нашите соништа, дури и најсмелите, се возможни само благодарение на волјата на секој човек и на заедничката посветеност… Камбаната заѕвони, оргулите ќе се разбудат, верниците ќе дојдат да се помолат, светот ќе види како катедралата се обновува и преобразува. И мораме да ја цениме оваа лекција за кревкоста, понизноста и решителноста и никогаш да не заборавиме колку е важен секој човек и колку величественоста на оваа катедрала е неодделива од напорите на секого.“
Фразата – „верниците ќе дојдат да се помолат“ – е речиси единственото спомнување на нешто религиозно во говорот на отворањето на обновената катедрала. Убави зборови за величественоста на француската култура, за историското наследство, за храброста на спасувачите и работливоста на реставраторите. Но, нема збор за христијанството, за Спасителот на светот, за Божјата Мајка, која е Мајка на сите што веруваат во Христос. Францускиот претседател го заврши својот говор со три извици: „Да живее Нотр Дам! Да живее Републиката! Да живее Франција!“ И се појавува логичното прашање: на што е посветена катедралата? На Богородица или на француската држава? На што е симбол таа: на величието на Христос или на величието на нацијата?
Продолжение на церемонијата
По говорот на Макрон говореше парискиот Архиепископ Лорен Улрих, кој испрати радосен поздрав „до сите кои ќе дојдат во црквата: христијани, нехристијани, неверници“. Повторно, според светските и дипломатските стандарди сè е многу исправно. Дојдете сите, видете колку е убава катедралата, восхитете се од витражите и фреските, восхитете се од столбовите и статуите. Но, каде е верата во Христа, каде е евангелската проповед? И како да се справиме со фактот дека катедралата Нотр Дам била изградена, всушност, за таму да се служи Литургија, на која не можат да присуствуваат сите „кои ќе дојдат во црквата“, туку само верните на Христос? Монсињор Улрих го прочита и поздравот од римскиот папа, кој демонстративно отсуствуваше, но за тоа малку подолу.
Потоа се одржа богослужба, миса, која траеше околу 40 минути. Следеше концерт подолг од 2 часа, па документарен филм за обновата на катедралата и така натаму. Патем, многу европски медиуми воопшто не ја спомнаа мисата, како воопшто да ја немало или нејзиното одржување да било толку незначајно што не вреди ниту да се спомне. Но, затоа детално беше опишано кои ѕвезди настапиле на концертот, кои гости присуствувале и кој со кого не сакал да седи заедно. На пример, се потрудија сопругата на актуелниот американски претседател Џил Бајден да не ја седнат до Доналд Трамп.
Отсуство на папата Франциск
Претседателот на Франција, Емануел Макрон му испрати покана на папата Франциск за церемонијата на отворање многу одамна и јавно, а папата во ноември 2024 година исто така јавно ја одби. Притоа, ја одби на начин што, преведено од дипломатски на разбирлив јазик, изгледаше како плукање в лице на француските власти. Официјално Ватикан не ги соопшти причините за одбивањето, дури не се повика ниту на здравјето на папата, што би изгледало повеќе или помалку уверливо (папата веќе има 87 години). Уште повеќе, непосредно пред свеченото отворање на Нотр Дам, папата беше во посета на Индонезија, Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур. А една недела по церемонијата во Париз, на 15 декември 2024 година, понтифот имаше закажано посета на францускиот остров Корзика, за да учествува на конференцијата: „Народната религиозност во Медитеранскиот регион“. Ја чувствувате ли разликата во размерите?
Според француското издание „Ле Фигаро“, кое се повикува на свои извори, причината за ваквиот демарш од страна на Ватикан е тоа што папата не сака да учествува во политичкото шоу што го организираше Макрон, користејќи ја темата за обновата на катедралата за зајакнување на својот значително разнишан имиџ и влијание. Во летото 2024 година, Макрон го распушти парламентот и закажа предвремени избори, на кои неговата политичка партија доживеа фијаско, а победници беа ултрадесничарските партии. А два дена пред отворањето на Нотр Дам, парламентот ѝ изгласа недоверба на владата и ја испрати во оставка. И целото владеење на Макрон не може да се нарече успешно за него. Никакви успеси, само порази и неуспеси. Од Африка Французите се срамно протерани, внатрешните проблеми не се решаваат, фармерите се незадоволни, нелегалната миграција се зголемува и така натаму. И единственото позитивно достигнување, неговото, така да се каже, политичко наследство – е обновата на Нотр Дам. Иако во тоа нема некоја посебна негова заслуга, со пари придонесоа сосема други луѓе, да не зборуваме за тоа дека други луѓе ја спасуваа катедралата за време на пожарот и ја обновуваа потоа. Затоа „Ле Фигаро“ напиша дека папата Франциск не сакал да биде „маргинален“ на церемонијата на отворање на Нотр Дам и да учествува во празникот на францускиот владетел, кој се претвори „во меѓународен политички акт во слава на Франција“.
И тоа на оној владетел кој летото на отворањето на Олимпијадата организираше вистински богохулен перформанс, исмевајќи се и со Христос, и со Црквата, и со трагичните страници од француската историја.
Погореспоменатите аналитичари коментираа и за фактите на затворање и уривање на христијански храмови ширум Франција, по одлука на локалните власти, поради тоа што немаат со што да ги одржуваат и реновираат. Верници нема, значи црквите не се потребни и може да се урнат или да се пренаменат за други потреби. Нив никој не планира да ги обновува како Нотр Дам. Разбирливо е, не може да се направи политички маркетинг од тоа. Катедралата Нотр Дам ја обновија, но затворањето на цркви низ цела Франција продолжи, па дури се забрза. За ова се зборува во Извештајот за попис на црковните згради на католичката архиепископија на Франција, подготвен по барање на француските сенатори Пјер Узулиас и Ана Венталон од јули 2022 година. Главните точки од овој Извештај со наслов „Државно религиско наследство“ католичкиот весник „Ла Кроа“ ги објави две недели пред свечената церемонија на отворање на Нотр Дам. Резултатите од анкетата на сите француски епархии не се утешни: денес речиси 1700 цркви во 69 француски епархии се затворени и ја чекаат својата судбина. Може да бидат продадени, претворени во бар или ресторан, или урнати поради непотребност.
На пример, во март 2021 година во Лил беше урната 135-годишната црква „Свети Јосиф“. Ја срушија за да направат место за студентски дом. Исто така, осудена на уривање е и црквата „Свети Герман“во Кале. На нејзино место планираат да изградат станбен комплекс. Иста судбина ја чека и црквата „Свети Елигиј“ во Трит Сен Леже, изградена во 1902 година и многу други храмови.
Заклучок
Претпоставката од пред пет години дека пожарот во катедралата Нотр Дам може да стане симбол на крајот на христијанската ера во Европа, очигледно не се оствари. Но, и обновувањето на катедралата по пожарот исто така не е симбол на преродба на христијанството. Затворањето на храмови продолжува, геј-парадите собираат десетици пати повеќе учесници одошто богослужбите, јавното исмевање на верата достигна ново ниво. А самата церемонија на отворање на реставрираната катедрала ги симболизира политичките достигнувања на Макрон, финансиските можности на француските милијардери, националната гордост, величественоста на културата и така натаму. Воопшто, сè и сешто, но само не враќање на Франција кон христијанската вера. Впрочем, работата не е во симболите, терминот „постхристијанска епоха“ веќе одамна се користи за означување на реалноста. А оние кои останале христијани осознаваат дека се „мало стадо“.
Извор: https://spzh.eu/ru/zashhita-very/83433-chto-oznachaet-vosstanovlenie-notr-dam-de-pari