Сквернавење во Цирих: Хостија дадена на кучиња

Верници им дале осветена хостија на своите кучиња за време на Миса во римокатолички храм во Цирих, Швајцарија. Откако случајот бил пријавен, епископот на Хур, Јозеф Бонемајн, оценил дека нема светогрдие, бидејќи не била утврдена намера за тоа – изивестува францускиот римокатолички портал „Трибун шретјен“.

Постојат настани што сами по себе го отсликуваат духот на едно време. Таков е и случајот што се случил на 4 октомври 2025 година, на празникот на свети Франциск Асишки. Тој ден, во една парохија во Цирих, богослужба предвидена за благослов на животните – првично организирана на отворено, а потоа поради лошото време префрлена во црквата – била вклучена во светата Литургија. Во моментот на причеста, повеќе верници биле сведоци на сцена што тешко може да се замисли: луѓе им давале осветени хостии на своите кучиња.

Случајот, кој бил пријавен до епархиските власти, довел до истрага. На 17 април 2026 година, епархијата на Хур, Швајцарија, ја објавила својата одлука: нема екскомуникација. Според епископот Јозеф Бонемајн, не била докажана светогрдна намера. Заклучок што може да се разбере од строго правна гледна точка. Но, дали тоа е доволно за да одговори на тежината на самиот чин? Прашањето останува отворено. Зашто, од кога природата на еден толку тежок чин зависи единствено од намерата? Да се даде осветена хостија на животно не е обична грешка. Тоа е знак на губење на ориентирите и на длабоко неразбирање на она што Црквата тврди дека го слави – пишува „Трибун Шретјен“.

Она што се случило во Цирих не е изолиран настан. Тоа се вклопува во поширок контекст во кој литургијата сè повеќе се преобразува и приспособува, понекогаш до степен да ја изгуби сопствената внатрешна логика. Кога иницијативи, иако добронамерни, без доволно расудување се вклучуваат во евхаристиското богослужение, постои реална опасност да се замагли самото значење на она што се слави.

Извор: https://tribunechretienne.com/profanation-a-zurich-leucharistie-livree-aux-chiens/