Чинот на слегувањето на Благодатниот оган во храмот на Гробот Господов во Ерусалим, на Велика сабота, 11 април годинава, ќе се одржи во ограничен формат и без учество на поклоници и туристи. Ова го пренесува руската новинска агенција „ТАСС“, повикувајќи се на полицијата на Израел.
Се наведува дека одлуката била донесена по средбата на раководството на полицијата со латинскиот патријарх на Ерусалим, Пјербатиста Пицабала. Претходно, нему не му беше дозволен влез во храмот на Гробот Господов, што предизвика силен меѓународен одек: повеќе државни лидери дадоа изјави, а Министерството за надворешни работи на Италија го повика израелскиот амбасадор на разговор.
Според соопштението, „одлучено е, имајќи предвид дека тековната состојба не дозволува одржување масовни церемонии, пасхалните богослужби да се одржат во симболичен и ограничен формат. Поради посебната ситуација и упатствата на управата, светите места во Стариот град ќе останат затворени за поширок пристап на верниците, врз основа на законската и моралната обврска на полицијата да го заштити и зачува човечкиот живот“, се наведува во соопштението на полициската служба.
Според податоците на безбедносните служби, во последните недели во близина на верски објекти повеќепати биле регистрирани падови на остатоци од ракети, што претставува реална закана за безбедноста. Во такви услови, приоритет останува зачувувањето на животот и здравјето на луѓето. Премиерот на Израел, Бенџамин Нетанјаху, претходно исто така нагласи дека ограничувањата се диктирани исклучиво од безбедносни причини.
Минатата недела, претставници на христијанските цркви во Ерусалим се обратија до властите со барање церемонијата да се одржи без ограничувања. Во исто време, Ерусалимскиот патријарх Теофил III изјави дека има намера обредот да се одржи и при важечки ограничувања — во тој случај без присуство на поклоници.
Извор: https://tass.ru/mezhdunarodnaya-panorama/26934847 преку: https://gorthodox.com/news-item/molenie-o-shozhdenii-blagodatnogo-ognya-v-2026-godu-projdet-bez-palomnikov
