Во Бар, Италија, помеѓу 3 и 7 јуни 2024 година се одржа состанок на координативниот комитет на „Мешовитата меѓународна комисија за богословски дијалог меѓу Римокатоличката и Православната Црква“.
Оваа комисија е оформена во 1979 година, од страна на Цариградскиот патријарх Димитриј и Римскиот Папа Јован Павле Втори. Првата седница е одржана во 1980 година, на грчките острови Патмос и Родос, а од тогаш до сега се одржани вкупно 15 седници, од кои последната е во Александрија, Египет, во 2023 година.
Од оформувањето на оваа комисија, во неа учествувале 14 автокефални помесни Православни цркви.
Во 2007 година, на десеттата седница на оваа комисија, не учествува Бугарската православна црква, а седницата ја напушта и Руската православна црква, поради присуството на Естонската апостолска црква, оформена во Естонија од страна на Цариградската патријаршија, како паралелна црква на Естонската православна црква под Московската патријаршија.
Оттогаш учеството на православните цркви во Мешовитата комисија се намалува, така што, на последната, петнаесетта седница на Мешовитата комисија, во 2023 година, од страна на Православните учествуваат 10 помесни Православни цркви: Цариградската, Александриската, Ерусалимската, Романската и Грузиската патријаршија и Црквите на Кипар, Грција, Полска, Албанија, Чешките земји и Словачка.
Во продолжение, интегрално го пренесуваме објавеното коминике по состанокот на координативниот комитет на Мешовитата комисија, во Бари, 2024 година.
Мешовита меѓународна комисија за богословски дијалог меѓу Римокатоличката и Православната Црква
Состанок на координативниот комитет, Бари (Италија), 3-7 јуни 2024
Коминике
По успешното завршување на Пленарната седница, одржана во Александрија во 2023 година, „Координативниот комитет на Мешовитата меѓународна комисија за богословски дијалог меѓу Римокатоличката црква и Православната црква“, под копретседателство на кардиналот Курт Кох, префект на „Дикастеријата за унапредување на христијанстското единство“, и митрополитот Писидиски Јов, Вселенска патријаршија на Константинопол, се состана од 3 до 7 јуни 2024 г. во Оази Санта Марија, духовен центар на Архиепископијата на Бари-Битонто. Комитетот беше братски пречекан од Н.Е. Архиепископот на Бари-Битонто Џузепе Сатријано.
Во вторник, 4 јуни, римокатоличките членови служеа Евхаристија во катедралата во Бари, во присуство на православните членови и христијански верници. По богослужбата, великодушно беше приредена вечера од Н.Е. Архиепископот Џузепе Сатријано. Во четврток, на 6 јуни, православните членови служеа Божествена Литургија врз моштите на Свети Николај во криптата на базиликата Свети Никола во Бари, во присуство на римокатоличките членови и христијански верници. По богослужбата, Комитетот беше пречекан на појадок од Доминиканските отци.
Комитетот се почувствува инспириран да се состане на истото историско место, каде што беше усвоен Документот на Дијалогот во Бари (1987). Координативниот комитет го разгледа нацрт-текстот насловен „Кон единство во верата: теолошки и канонски прашања“, кој ги сумира досегашните достигнувања на Дијалогот и определи неколку прашања што остануваат да бидат решени меѓу Римокатолиците и Православните. Комитетот започна да разговара особено за историските и богословските прашања кои се поврзани со Филиоквето и Непогрешливоста, соодветно. За таа цел беа формирани два поткомитета и секој од нив имаше задача да изработи нацрт-текст за една од овие теми.
Одлучено е, откако овие нацрт-документи ќе бидат завршени, Координативниот комитет да се состане, веројатно, следната година, во време и место кои ќе бидат определени, со цел детално да се разговара за нив.
Членовите со нетрпение го очекуваат претстојниот јубилеј во 2025 година, 1700-годишнината од Првиот вселенски собор, одржан во Никеја, во 325 година и се молат овој настан да биде инспирација на патот кон повторното воспоставување на целосното заедничарење.