Трамп најави работна група за „искоренување на антихристијанските пристрасности“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на 6 февруари 2025 година најави формирање работна група и претседателска комисија за заштита на христијаните од религиска дискриминација – известуваат американските медиуми.

Трамп зборуваше на Националниот молитвен појадок во Вашингтон, каде што претстави повеќе чекори за справување со, како што рече, нападите врз верската слобода и христијаните во САД.

„Додека сум во Белата куќа, ќе ги заштитиме христијаните во нашите училишта, војска, влада, работни места, болници и јавни простори. И ќе ја вратиме нашата земја како една нација под Бога“ – изјави Трамп.

Трамп најави дека ќе формира претседателска комисија за верски слободи, која „неуморно ќе работи да го брани ова фундаментално право“.

Тој исто така рече дека ќе потпише извршна наредба со која јавниот обвинител Пем Бонди ќе биде именувана за раководител на работната група за „искоренување на антихристијанските пристрасности“. Групата ќе има за цел да ги сопре „сите форми на дискриминација и напади врз христијаните во рамките на федералната влада“.

Како дополнителен чекор, Трамп најави создавање на канцеларија за вера во Белата куќа, која ќе ја предводи свештеничката Паула Вајт, негов долгогодишен религиски советник.

Трамп долго време ги обвинуваше своите политички противници за ограничување на верската слобода и прогон на христијаните.

Републиканците жестоко ја критикуваа администрацијата на Бајден за судските постапки против антиабортус активистите кои блокираа влезови во клиники за абортус. Трамп минатиот месец помилуваше дваесетина лица осудени за такви случаи.

Во 2023 година, републиканските законодавци дојдоа до интерен меморандум напишан од агент на ФБИ кој зборува за поклопување на белите националистички групи и „радикално-традиционални католици“, кои тој ги идентификува како неголемо малцинство во црквата. Тогашниот директор на ФБИ, Кристофер Реј, нареди повлекување на документот поради прекршување на политиките на агенцијата за истраги основани на верска припадност.

Администрацијата на Бајден формираше посебни иницијативи за справување со антисемитизмот и исламофобски инциденти, особено по нападите на Хамас на 7 октомври.

Извор: https://thehill.com/homenews/administration/5130103-trump-national-prayer-breakfast-religious-discrimination-task-force-anti-christian-bias/