На 1 јули 2026 година украинскиот Кабинет на министри усвои резолуција со која се воспоставува механизам за создавање на „Украински национален пантеон“ на територијата на Киево-Печерската лавра – најсветото место во Украина и едно од најстарите православни светилишта, пренесува Информативно-просветниот оддел на Украинската Православна Црква.
Оваа одлука доаѓа во време кога украинските власти ги продолжуваат активностите што ги опишуваат како „духовно ослободување“ на Лаврата од канонската Украинска православна црква. Во рамките на тој процес, на Украинската Православна Црква ѝ беа одземени поголемиот дел од храмовите во манастирскиот комплекс, беше иселена нејзината богословија, а продолжуваат и обидите за отстранување на монашкото братство кое живее таму во непрекинато наследство долго речиси илјада години.
Светите мошти што со векови се почитуваат во Пештерите, државата ги прекласифицираше како „културни вредности“, а во комплексот сè почесто се организираат световни настани, како што се уметнички изложби и рок-концерти. Со новата одлука, на оваа листа се додава и планираниот национален пантеон.
Според резолуцијата, пантеонот ќе функционира како дел од државниот Национален резерват „Киево-Печерска лавра“. На Украинскиот институт за национално сеќавање му е доверена изработката на концептот и структурата на пантеонот, додека Министерството за култура и информативна политика треба да ја одреди точната локација во рамките на Лаврата и да распише архитектонски конкурс за идејното решение на меморијалниот комплекс.
Според законот донесен на 1 јули, пантеонот е наменет за оддавање почит на личности за кои државата ќе оцени дека дале „исклучителен придонес во борбата за независноста на Украина, изградбата на државата, како и во развојот на војската, науката, културата и другите области од јавниот живот“.
Во соопштението на Украинската православна црква се наведува:
„Речиси илјада години Киево-Печерската лавра останува место на непрестајна молитва, монашки подвиг и почивалиште на Божјите светии. Токму затоа одлуката на нејзината територија да се изгради државен меморијален комплекс предизвика широк јавен одѕив и бројни дискусии.“
