Високо државно одликување за Митрополитот Бачки Иринеј

По повод празникот Сретение Господово, кој истовремено е и ден на државноста на Република Србија, на 16 февруари 2026 година во Палатата „Србија“ во Белград, беше одржана свеченост на која на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Бачки г. Иринеј од Српската Православна Црква, му беше врачено високо државно одликување – Сретенски орден од прв степен.

Како највисок знак на јавно признание што се доделува за исклучителни заслуги и дела од големо значење за Република Србија, Сретенскиот орден од прв степен на Митрополит  Иринеј му го врачи претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.

Примајќи го високото одликување за, како што се наведува во образложението, „активен придонес во духовниот развој на Бачката епархија, унапредувањето на христијанската култура и уметност, како и за посветената работа на поврзување личности и институции посветени на негување на христијанскиот културен идентитет“, Митрополитот Бачки, помеѓу останатото, изјави:

„Би сакал да нагласам дека со благодарност и радост го прифаќам ова високо признание од својата држава, нашата држава Србија, како држава на српскиот народ и на сите други луѓе и народи кои со нас го делат истиот и заеднички животен простор. Покрај духовните вредности и духовната компонента, ако сакате, и духовниот ’рбет на нашиот народ, кој мнозински низ вековите го формира, обликува, сочинува, подмладува и овековечува, како што убаво рековте, Светата и Светосавска Црква, ние во исто време сметаме, а мислам дека тоа е и општа свест во нашиот народ, во нашата држава и кај целокупното Српство во непосредното опкружување и ширум светот, дека нашата Црква не е единствениот – тоа би било премногу претенциозно да се мисли – но е еден од најзначајните и најважните носечки столбови на нашиот идентитет, нашата историја и, на крајот, и на нашата државност“.

На свеченото доделување на признанието присуствуваа: Неговата Светост Патријархот Српски г. Порфириј, Милорад Додик – српски член на Претседателството на Босна и Херцеговина, претседателот на Народното собрание – Жељка Цвијановиќ, претседателот на Владата на Србија – Ана Брнабиќ, министри во Владата на Србија, и други високи претставници на власта, на верските заедници, војската, полицијата и дипломатскиот кор.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//15757.mitropolitu-backom-irineju-urucen-sretenjski-orden-prvog-stepena.html