Во Бари потпишана согласност помеѓу различните цркви во Италија

На 23 јануари 2026 година, во катедралата во Бари, по повод првиот Симпозиум на христијанските Цркви, свечено беше потпишан историски документ: првата национална екуменска согласност меѓу христијанските Цркви присутни во Италија. Текстот, насловен „Пакт за заеднички пат на сведоштво“, е составен од шест члена и претставува клучна пресвртница за т.н. „италијански пат на дијалогот“ – известува Италијанската архиепископија на Цариградската Патријаршија.

Документот има 18 потписници: 1) Кардинал Матео Марија Цупи – надбискуп на Болоња и претседател на Италијанската бискупска конференција, 2) Митрополит Поликарп од Архиепископијата на Италија на Цариградската Патријаршија, 3) Митрополит Силуан од Романската православна епархија, 4) Карстен Гердес од Евангелско-лутерантската црква во Италија, 5) Иван Иванов од Бугарската Православна Црква, 6) Александра Трота од Евангелската Црква 7) Алесандро Спану од Сојузот на Баптистичката евангелска унија на Италија, 8) Даниеле Гароне, претседател на Федерацијата на евангелските Цркви во Италија, 9) Џовано Траетино од Евангелската црква на помирувањето, 10) Нерсес Харутјунијан од Ерменската Црква, 11) Амвросиј Матсегора од администрацијата на парохиите на Московската Патријаршија во Италија, 12) Џулс Бергквист од Црквата на Англија, 13) Душан Дукановиќ од Српската Православна Црква, 14) Лидија Бруно од Армијата на спасението, 15) Шенуда Гергес од Коптската Црква на Милано, 16) Тара Карлуис од Црквата на Шкотска, 17) Лука Анциани од Управата на Методистичките цркви во Италија и 18) Едуардо Зумпано од заедницата на слободни цркви.

Црквите потписнички нагласуваат дека значењето на Согласноста не лежи во формален чин, туку произлегува од еден заеднички, зрел и длабок пат, изграден преку средби, дијалог и расудување, и на национално и на локално ниво.

Тие се претставуваат обединети како одговорни чинители во италијанското општество, посветени на: општото добро, правдата и мирот, достоинството на личноста, верската слобода и грижата за создадението.

Во секуларизирано и плуралистичко општество, Согласноста има цел да направи видливо едно веродостојно христијанско сведоштво, во дијалог со државата и со почитување на секуларниот карактер на општеството.

Заеднички предизвици

Црквите ги признаваат тешкотиите на заедничкото јавно сведоштво: заедничкото соочување со чувствителни прашања како мирот, миграциите, верските дискриминации и односот меѓу религијата и политиката ги изложува на критики и недоразбирања. Сепак, откажувањето од оваа димензија би значело предавство на христијанскиот призив. Затоа, тие се обврзуваат да: го промовираат Евангелието во секуларизираното општество, ја зајакнуваат слободата на совеста и верската слобода, ја унапредуваат еднаквата достоинственост на секоја конфесија и религија пред државата, и да негуваат критички и конструктивен дијалог за односот меѓу религијата, секуларноста и политиката.

Содржина на согласноста

1. Единство и помирување

Поделбите меѓу Црквите се признаваат како рани на Телото Христово и како знаци на гревот. Се призива благодатта на простувањето и меѓусебното помирување.

2. Избор на дијалог дури и во конфликти

Дијалогот се признава како пат што треба решително да се следи, дури и пред несогласувања или притисоци што можат да поттикнат поделби.

3. Заеднички дејствија за правда и солидарност

Црквите се обврзуваат заеднички да работат за:

* достоинството на секоја личност создадена по образ Божји,

* промоцијата на мирот меѓу народите, културите и религиите,

* прифаќањето на сиромашните, мигрантите и маргинализираните,

* грижата за создадението,

* борбата против антисемитизмот, исламофобијата и секој облик на верска дискриминација.

4. Единствено и јавно сведоштво

Само едно усогласено сведоштво во различноста може веродостојно да го изрази Христовата љубов. Црквите се обврзуваат на јавна присутност со почит кон секуларноста и во дијалог со општеството.

5. Постојан братски дијалог

Се предвидуваат редовни средби за молитва, расудување и конкретна соработка. Секоја Црква ќе поттикнува иницијативи за меѓусебно запознавање и почит меѓу верниците од различните конфесии.

6. Завршен молитвен повик

Пактот ѝ се доверува на Божјата милост, за Тој да го благослови и да го направи плодоносен. Се призива Светиот Дух да ги обнови срцата и да води кон полно заедништво: „за да бидат сите едно“ (Јован 17,21).

Кон полно заедништво

Во своето обраќање, кардиналот Цупи нагласи: „Не станува збор за некаков соседски бонтон, туку за полно заедништво: само тоа е единство“. Тој исто така истакна дека еден сериозен екуменски пат може да стане квасец на општествена кохезија и мир.

На крајот, Црквите се обврзуваат секоја година да изработуваат заедничка програма за работа, вклучувајќи ги сите локални заедници.

Извор: https://www.facebook.com/share/v/18KJ4hF7Dj/