Научната конференција на тема „Влијанието на Цариградската патријаршија врз судбината на православието во Украина“ се одржа на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград. Конференцијата беше прененесувана и преку платформата Зум.
Конференцијата ја отвори проф. д-р Часлав Копривица во име на Центарот за руски студии при Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград. Тој истакна дека овој меѓународен собир треба да осветли еден аспект од тековната криза – влијанието на Цариградската патријаршија врз процесите и делот од трагедијата во Украина што се однесува на православието.
На конференцијата беше прочитан рефератот на Високопреосвештениот Митрополит г. Лука Запорошки од Украинската православна црква, на тема „Украина како полигон за нова Унија – закани и начини за надминување“.
Проф. д-р Зоран Кинџиќ од Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград одржа предавање на тема „Обвинувањата за ерес на Руската идеја и контраобвинувањата за ерес на источниот папизам“. Тој потсети дека во 2016 година Цариградскиот патријарх ветил дека нема да се меша во внатрешните работи на Руската православна црква, но во 2018 година го сторил спротивното и ѝ дал автокефалност на Православната црква на Украина.
Проф. д-р Зоран Чворовиќ од Правниот факултет на Универзитетот во Крагуевац се осврна на темата „Две лица на истата хипокризија: Основањето на Православната црква на Украина и прогонот на Украинската православна црква во светло на каноните на Црквата и Европската конвенција за заштита на човековите права“. Тој објасни дека овој проблем се разгледува од аголот на црковното и световното право и додаде дека конфликтот во Украина има значајна црковна димензија што го претходеше и овозможи избувнувањето на оружената фаза на конфликтот.
Проф. д-р Зоран Милошевиќ од Институтот за политички студии говореше за „Континуитетот на антируското и антиправославното дејствување на Цариградската патријаршија“.
Проф. д-р Олег Солдат од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Бања Лука имаше осврт на тема „Украинската војна и расколот – улогата на Фанар во големиот раскол од XVII век“, а рефератот на Бернар Ле Каро беше насочен кон новата еклисиологија на Цариградската патријаршија.
Д-р Владимир Димитријевиќ зборуваше за канонологот Сергиј Троицки и неговиот став за Цариградската патријаршија, а протојеројот проф. д-р Дарко Ристов Ѓого од Православниот богословски факултет на Универзитетот во Источно Сараево ги разгледа историските односи меѓу Цариградската патријаршија и Руската црква.