Во Босна и Херцеговина, вандали оскверниле надгробни споменици на православните гробишта во селото Вучиниќи, во близина на градот Кладањ. Меѓурелигискиот совет на Босна и Херцеговина остро го осуди овој чин, оценувајќи дека постапките на сторителите претставуваат опасност за мирот во регионот.
„Осквернувањето на гробиштата претставува длабоко непочитување кон покојниците, нивните семејства и целата верска заедница“, истакнаа од Советот.
Оттаму додаваат дека ваквите постапки предизвикуваат вознемиреност и го нарушуваат соживотот во Босна и Херцеговина.
„Ваквите постапки предизвикуваат вознемиреност меѓу верниците и ја поткопуваат довербата, која е неопходна за градење мир и соживот во Босна и Херцеговина“.
Според парохискиот свештеник, осквернувањето на православните гробови на подрачјето на Кладањ трае веќе подолг период, но досега ниту еден од сторителите не бил повикан на одговорност.
Во врска со тоа, Меѓурелигискиот совет ги повика органите на редот и правосудните институции без одлагање да ги истражат како најновиот инцидент, така и сите претходни случаи на напади врз православните светињи.
На крајот, Советот нагласи дека секои гробишта, без оглед на верското или етничкото потекло на погребаните, мора да бидат место на мир, достоинство и почит, како и дека заштитата на светите места е заедничка одговорност на сите.
