Во Европа растат насилството и правниот притисок врз христијаните

Експерти и дипломати во Советот за човекови права на Обединетите Нации предупредија дека насилството и правниот притисок врз христијаните се засилуваат во Европа и дека е потребна поголема заштита на слободата на вероисповед во регионот и во целиот свет, известува сајтот „Кристиан пост“.

Предупредувањето беше изнесено за време на специјален настан под наслов „Поддршка на прогонуваните христијани, заштита на верата и христијанските вредности“, кој се одржа во Женева за време на 61-та сесија на Советот, се вели во соопштението на невладината организација за човекови права која ги следи појавите на нетолеранција и дискриминација кон христијаните во Европа со седиште во Виена, Австрија.

„Владите на неколку европски земји покренаа кривични постапки против поединци поради мирно изразување на нивните религиозни уверувања“, изјави извршната директорка на Организацијата, Анја Тан.

Според официјален извештај презентиран на настанот, во 2024 година во Европа биле регистрирани повеќе од 760 злосторства од омраза против христијаните и христијанството воопшто.

Во меѓувреме, архиепископот Еторе Балестреро, постојан набљудувач на Ватикан при канцеларијата на Обединетите нации и другите меѓународни организации во Женева, им соопшти на присутните дека во истата година во Организацијата биле забележани 2.211 случаи на насилство против христијани низ цела Европа – односно многу повеќе отколку што покажуваат официјалните извори. Некои од инцидентите вклучувале директно насилство, а други биле поврзани со судски постапки против верници кои ги изразувале своите религиозни ставови.

Анја Тан особено го спомена убиството на 10 септември 2024 година во Лион (Франција) на 45-годишниот Ашур Сарнаји – христијанин од асирската заедница, проповедник-видеоблогер и инвалид во количка, бегалец од Ирак (властите го признаа нападот како џихадистички). Таа исто така го спомена и повеќегодишното судско гонење на Пјаве Рјасјанен – пратеничка во финскиот парламент, поранешна министерка за внатрешни работи на Финска, поранешна претседателка на партијата „Христијански демократи“, доктор по медицина, мајка на пет деца и сопруга на лутерански пастор – поради цитирање од Библијата и јавно изразување на своите христијански убедувања во врска со прашањата за хомосексуалната ориентација.

Говорниците исто така констатираа дека некои ограничувања произлегуваат од закони кои го засегаат религиозното изразување во училиштата, од правни спорови поврзани со внатрешното управување на црквите и од јавни изрази на верата, како што се молитвата или светата тајна Крштение.

Тан исто така укажа на законите за религиозна неутралност кои го ограничуваат спомнувањето на религијата во училиштата, како и на правните спорови кои ги нарушуваат правата на родителите во областа на образованието.

Од своја страна, Мари-Тереза Пикте-Алтан, амбасадор (постојан набљудувач) на Суверениот Малтешки ред при Обединетите нации во Женева, изјави дека оваа дискусија е важен момент, бидејќи Советот на ОН за човекови права ретко посветува особено внимание на проблемот на дискриминацијата на христијаните.

Претставникот на Унгарија Марк Аурел Ершеги, специјален советник за прашања на религијата и дипломатијата (Министерство за надворешни работи и трговија на Унгарија), изјави дека програмите за практична поддршка можат да им помогнат на заедниците кои се соочуваат со прогонства. Тој ја претстави унгарската владина програма „Унгарија помага“, која соработува со цркви и религиозни лидери за поддршка на христијанските заедници и на присилно раселените лица кои настрадале од насилство.

Според него, ваквите иницијативи сами по себе не можат да го решат целиот проблем со прогонството на христијаните, но можат да обезбедат директна помош и охрабрување за христијанските заедници кои живеат под притисок.

Архиепископот Е. Балестреро додаде дека државите ја носат главната одговорност за заштита на слободата на вероисповед и за обезбедување секој верник да може да ја исповеда својата вера јавно или приватно без ничие мешање.

Тој потсети дека речиси 400 милиони христијани во целиот свет се соочуваат со прогонства или насилство – односно од тоа страда приближно секој седми христијанин. Тој исто така наведе статистика дека во 2025 година околу 5.000 христијани биле убиени поради својата вера – што значи дека во просек секој ден загинувале 13 христијани.

Балестреро е убеден дека владите треба да ја штитат слободата на вероисповед, спречувајќи прекршување на ова право од трети лица и заштитувајќи ги верниците пред, за време и по нападите. Според него, неказнивоста останува еден од најсериозните проблеми во борбата против прогонството на верниците во целиот свет.

Извор: https://www.christianpost.com/news/anti-christian-violence-and-legal-pressure-rising-in-europe.html преку: https://pravoslavie.ru/176284.html