Во Ирак повторно отворени христијански храмови кои беа уништени од „Исламската држава“

Во октомври 2025 година, во Ирачкиот град Мосул, по повеќегодишна реставрација, беа повторно осветени два древни христијански храма — Сириската црква „Св. Тома“ и Халдејската католичка црква „Ал-Тахира“ („Безгрешна“), јавува „Кристијан пост“.

Храмовите, уништени за време на окупацијата на градот од страна на борците на „Исламска држава“, станаа симбол на препородувањето на христијанскиот живот во регионот. Двете цркви, лоцирани во стариот дел на Мосул, беа речиси целосно разрушени во периодот од 2014 до 2017 година. Борците ја претворија црквата „Св. Тома“ во затвор, а „Ал-Тахира“ беше погодена од бомбардирања. Реставрацијата започна во 2022 година.

Млад христијанин од Мосул, Фанди (27), кој учествувал во реставрацијата, изјави за „Ватикан нуз“ дека повторното отворање е настан од огромно значење: „Ова е знак на надеж за христијаните кои беа принудени да ја напуштат земјата. Покажува дека овде повторно има безбедност и дека можат да се вратат дома.“

На свеченото отворање присуствуваа патријархот на Халдејската црква, патријархот на Сириската црква, министерот за култура на Ирак и претставници на УНЕСКО. Патријархот на Сириската црква изјави: „Ова не е само обновување на камењата, туку и обновување на довербата – порака на мир и надеж за жителите на Мосул и на целиот Ирак.“

Пред реставрацијата, областите околу храмовите беа деминирани, а од урнатините беа извлечени древни алабастерни порти од XIII век со ликови на Христос и апостолите. Новите ѕвона, излеани во француската фабрика што ги излеа и ѕвоната на обновената Богородична Црква во Париз, повторно одѕвонуваат над Мосул — навестувајќи го враќањето на верата и мирот.

Денес, во градот каде што пред војната христијаните беа 14% од населението сега се останати помалку од 60 семејства. Сепак, црковните власти имаат оптимизам: „Верата може да биде ранета, но не може да згасне – секое ѕвонење на новото ѕвоно ги повикува не само верните, туку и иднината.“

Извор: https://www.christianpost.com/news/a-sign-of-hope-churches-destroyed-by-the-islamic-state-reopen.html преку: https://eeod.gr/news/85045-sto-irk-noixan-orthdoxo-kai-katholik-naos-pou-echan-katastrafe-ap-isis