Бројот на напади врз христијаните во Израел речиси се удвоил во последните три месеци, покажува истражувањето на Центарот за податоци за верските слободи (RFDC). Според извештајот, од април до јуни 2026 година активистите за човекови права регистрирале 83 случаи на прогон и напади, во споредба со 44 инциденти во првиот квартал од годината.
Најголемиот дел од инцидентите (56 проценти) биле случаи на плукање врз свештенослужители, поклоници и свети места. Таквите напади, според извештајот, се извршувале јавно и демонстративно, во текот на денот. Најголем број инциденти биле забележани за време на еврејските празници Денот на Ерусалим и Шавуот, кога биле регистрирани и до осум напади дневно.
Главни жртви биле монаси и монахињи, а меѓу напаѓачите често имало деца и тинејџери, за кои се наведува дека биле охрабрувани од своите родители да ги навредуваат христијанските свештенослужители.
Активистите за човекови права предупредуваат дека напаѓачите стануваат сè подрски и дека инцидентите преминуваат од вербални навреди кон директно физичко насилство. Во еден од случаите, маж соборил и повредил монахиња на гората Сион, по што волонтерите на Центарот вовеле практика на придружба и заштита на монахињите при нивните секојдневни движења.
Во извештајот се наведуваат и случаи на вандализирање на црковни табли, повици на интернет за уништување на христијански свети места, како и систематско фрлање отпад во близина на христијански објекти.
Експертите го повикаа Општината на Ерусалим да ја прекине, како што наведуваат, политиката на исклучување на христијаните од јавниот простор во градот и професионално да соработува со организациите за човекови права за обезбедување вистинска верска слобода.
Воедно, според извештајот, градоначалникот на Рмаиш во јужен Либан, Хана ал-Амил, ги демантирал тврдењата на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху дека христијанските населени места во тој регион побарале да бидат приклучени кон Израел за да бидат заштитени од Хезболах.
Извор: https://report-hotline-jlm.co.il/reports/RFDC_2026_Q2_Report.pdf преку: https://eeod.gr/news/89631-sto-isral-diplasistike-o-arithms-ton-epithseon-kat-christiann-kthesi
