Епархиските избирачи на Сливенската епархија ги избраа Агатополскиот епископ Јеротеј и Константискиот епископ Михаил за да бидат кандидати за нов Сливенски митрополит (на местото од Митрополитот Јоаникиј, кој се упокои на 9 јануари годинава).
На 18 февруари се одржа епархиско избирачко собрание во Сливен, на кое избирачите, кои се делегирани од епархијата, во првиот круг од изборите гласаа вака: Неговото Преосвештенство, Агатополскиот епископ Јеротеј доби дваесет и шест гласа, а во вториот круг Неговото Преосвештенство, Константискиот епископ Михаил доби дваесет и два гласа. Гласаа четириесет и двајца избирачи од седумте духовни реони. Така, овие двајца епископи добија над половина од гласовите, колку што е потребно според Уставот на Бугарската православна црква.
Секој избирач земаше гласачко ливче од местобљустителот на епархијата, Варненскиот и Великопреславски митрополит Јован. Гласачкото ливче беше потпишано и запечатено со печат на Сливенскиот епархиски совет. Со ливчето, секој избирач добиваше и празен плик, па на посебно место, сам, ги заокружуваше имињата на двајца од листата, за кои смета дека се најдостојни да го заземат упразнетиот митрополитски престол во Сливен. Откако ќе го здиплеше гласачкото ливче, го ставаше во пликот, па го спушташе во проѕирна запечатена кутија и се потпишуваше во избирачкиот список на оние што гласале. Избирачите гласаа според редоследот на списокот за регистрација. Откако заврши гласањето, членовите на комисијата ги распечатија и ги проверија гласачките ливчиња, па беше констатирано дека сите четириесет и две гласачки ливчиња се валидни.
Пребројувањето по првиот круг покажа дека потребните (според Уставот на Бугарската православна црква) повеќе од половина гласови ги добил Агатополскиот епископ Јеротеј, кој имаше дваесет и шест гласа. Потоа, Величкиот епископ Сиониј доби два гласа, Знеполскиот епископ Арсениј доби седумнаесет гласа, Белоградчишкиот епископ Поликарп доби два гласа, Мелнишкиот епископ Герасим доби пет гласа, Смоленскиот епископ Висарион доби четири гласа, Константискиот епископ Михаил доби единаесет гласа, Браницкиот епископ Пахомиј доби осум гласа, Главиницкиот епископ Макариј доби седум гласа, а Велбуждскиот епископ Исаак доби два гласа.
Во вториот круг од гласањето, во списокот не беше вклучен, веќе избраниот во првиот круг, епископ Јеротеј, па избирачите гласаа само за еден од останатите епископи, запишани во списокот. Повеќе од половината гласови, потребни според Уставот, доби Константискиот епископ Михаил. Гласови добија и Знеполскиот епископ Арсениј – 17, Белоградчишкиот епископ Поликарп – 1, Смоленскиот епископ Висарион – 1 и Браницкиот епископ Пахомиј – 1.
Неговото Високопреосвештенство, Варненскиот и Великопреславски митрополит Јован официјално ги објави резултатите, поздравувајќи ги избирачите за изборот. Потоа се пристапи кон формирање и потпишување на протоколот. Сите избирачи ги ставија своите потписи, кои беа потврдени од потписот на намесникот и со печат на Епархискиот совет.
За 24 февруари е закажана седница на Светиот Синод на Бугарската православна црква, на која ќе се разгледа документацијата од спроведениот избор и ќе се сослуша извештајот на местобљустителот на Сливенската епархија, Митрополитот Варненски и Великопреславски Јован. Светиот Синод го задолжи него за организација и за спроведување на изборот, и го назначи да управува со епархијата сѐ до стапување на должност на новиот Сливенски митрополит. Уставот на Бугарската православна црква предвидува на седницата да се разгледаат и евентуално пристигнатите жалби од учесниците во изборот.
Доколку Светиот Синод процени дека изборот е регуларен, тогаш на 25 февруари, недела, во синодскиот параклис ќе се спроведе канонски избор, со кој митрополитите од Светиот Синод ќе изберат еден од двајцата епископи за Сливенски митрополит. Согласно Уставот на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија, новоизбраниот митрополит станува и постојан член на Светиот Синод во полн состав.
И двата круга на гласање беа директно пренесувани на официјалната фејсбук страна на Светиот Синод.
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/eparhiyskite-izbirateli-v-sliven-izbraha-dvamata-episkopi-ot