Светогорскиот манастир Хиландар ова година одбележува јубилеј – половина век од едицијата „Хиландарски патокази“, која содржи избор на значајни светоотечки и богословски дела, во досега објавени 57 книги, од кои првата, „Православие и екуменизам“ на светиот Јустин Ќелиски, беше објавена во Солун во 1974 година. Оваа едиција им е добро позната и на македонските читатели.
По повод јубилејот, испечатени се реизданија на сите книги од едицијата, со поддршка на Министерството за култура на Република Србија, во рамките на програмските активности за зачувување и претставување на културното и историското наследство на светиот манастир Хиландар, и изработено е единствено јубилејно лого со симболите на манастирот Хиландар, кое ја краси секоја книга.
Сите нови изданија се исправени, а многу и дополнети. Во насловите на неколку книги посветени на благодатни старци од современото доба, додаден е епитетот „свети“, бидејќи во меѓувреме сите тие се впишани во диптисите на Православната Црква.
Книгата „Свети Порфириј Кавсокаливит“ е збогатена со нов превод на акатистот на овој современ светител. Книгата „За молитвата“ на свети Софрониј Атонски е збогатена со избор молитви што тој ги составил, додека во неговата книга „Да Го видиме Бога каков што е“ е додаден текст од проф. Георгиос Манзаридис од Аристотеловиот Солунски универзитет, за светиот автор како богослов на ипостасното начело.
На книгата „Православие и екуменизам“ од свети Јустин Ќелиски, по завештанието на владиката Атанасиј Херцеговачки, се додадени „Записи за екуменизмот“, кои владиката ги открил во манастирот Ќелије помеѓу ракописите на отец Јустин. За тоа колку светиот отец Јустин не само што го критикувал неправославниот екуменизам, туку се залагал и го величал православниот богочовечки екуменизам, сведочи текстот на владиката Атанасиј кој ги придружува „Записите за екуменизмот“ на свети Јустин.
Книгите се веќе достапни на годинешниов белградски меѓународен саем на книгата кој е во тек.
Извор: https://www.hilandar.org/pola-veka-hilandarskih-putokaza/
