Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, излезе од печат книгата „Чуда Божји во XXI век“, во издание на Повардарската епархија.
Книгата содржи многу драгоцени податоци за Божји интервенции во светот, кога Бог дејствувал онаму каде што човекот останал беспомошен, при неизлечиви болести, при временски непогоди, во ситуации каде што само верата во Бог може да нѐ спаси и избави. Многу такви случаи се опишани во оваа книга со цел да нѐ укрепат во верата, да нѐ поттикнат на посилни молитви и подвизи – се вели во соопштението од епархијата.
Цената на книгата изнесува 700 денари, а може да се порача од Издавачката дејност на Повардарската епархија преку телефон: 043 221 231, е-пошта: [email protected], или преку нивната фејсбук страница.
Предговор на книгата „Чуда Божји во XXI век“
Чуда Божји ги нарекуваме Божјите интервенции во светот, кога Бог дејствува онаму каде што човекот останува беспомошен, при неизлечиви болести, при временски непогоди, во ситуации кај што само верата во Бог може да нѐ спаси и избави. Стариот завет е полн со многу такви чудеса, почнувајќи од самото создавање на светот и човекот, па сѐ до воскресението на Господ Исус Христос и испраќањето на Светиот Дух во Новиот завет. Во житијата на светителите читаме за многу чудесни настани и исцеленија и токму чудата се сметаат за показател и потврда дека одреден човек е светител.
Многу такви случаи се опишани во оваа книга со цел да нѐ укрепат во верата, да нѐ поттикнат на посилни молитви и подвизи. Самото создавање на човекот е чудо, и сите органи чудесно се поставени и усогласени во телото да соработуваат помеѓу себе и да му овозможат на човекот да функционира. Видете го само окото човечко, колку совршено е создадено, или кожата, или срцето и крвотокот, мозокот човечки и не можеме рамнодушни да останеме при истражување на сите овие нешта. Ако погледнеме кон небото, таму е сонцето, месечината, ѕвездите и соѕвездијата и сите тие се толку совршено поставени и усогласени што нѐ поттикнуваат да се восхитуваме и да Го славиме нивниот и наш Создател. Разновидноста на животинскиот и растителниот свет, разнобојните цвеќиња, ароматичните и лековити билки, птичјата совршена симфонија изведувана од разновидни птици кои ниту школо учеле, ниту знаат за инструменти, а сепак изведуваат ненадминливи композиции кои ни ги галат сетилата и нѐ водат кон славословие на Бога.
Во житијата на светителите многу често сретнуваме чудесни настани, исцеленија за кои науката нема објаснување како и зошто се случуваат. Чудотворни икони, манастири, свети мошти – сѐ што било во допир со благодатта Божја станало свето. Но, како што во природата постојат хранливи печурки и слични на нив – отровни печурки, така постојат и многу лажни чуда, кои наликуваат на вистински, а само Црквата раководена од Светиот Дух може да ги препознае. Но, сите сме повикани да внимаваме. Чудата се дел од Црквата, дел од нејзиниот благословен поредок, а не надвор од неа. Имено, постојат многу лажни „чудотворци“, лажни „исцелители“ кои ни ветуваат сѐ и сешто само за да извлечат материјална корист од нас, кои божемно повикуваат духови на нашите ближни упокоени, сѐ со цел да си поиграат со нас и да нѐ искористат. Од таквите чудотворци да се пазиме.
Како пастир на Црквата должен сум да повикам на поголема будност, поголема претпазливост и поголема доверба кон свештенството, а не кон разните исцелители. За сите вакви чудесни појави да се обраќаме и консултираме со свештениците и нивните насоки и совети да ги послушаме, а да се пазиме од волците во јагнешка кожа. Токму оваа книга, која е преполна со разни чудесни Божји интервенции, да ни биде за освестување и враќање кон вистинската вера во Бог, во Црквата, во Литургијата. Амин.
Митрополит Повардарски
+Агатангел
Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=3273&Itemid=32
