Нови изданија на „Св. Ѓорѓи Полошки“ – Повардарска епархија

Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, издавачката дејност на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“, подготви и издаде две нови изданија, тоа се книгите: „Свети Теофан, Нов затворник – Духовник на царското семејство“ и „Летај високо“ од протоереј Сергеј Баранов. Книгите ги преведе завршениот богослов и студент на Теолошкиот факултет, Бране Николов.

Книгите можат да се најдат во сите храмови на Повардарската епархија или да се порачаат директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231 или на е-пошта: [email protected]. Цената на книгите е: „Свети Теофан, Нов затворник – Духовник на царското семејство“ – 200 денари, „Летај високо“ – 300 денари.

Во продолжение ги пренесуваме предговорите на овие книги од Неговото Високопросвештенство Митрополитот Агатангел.


Предговор – Духовник на царското семејство

Идниот архиепископ Теофан, роден е во селото Подмошје, во околината на Петерсбург. Долго време се сметало дека е роден во 1872, но најновите истражувања според документите доставени од неговите роднини покажаа дека тој е всушност роден на 31 декември 1873 година, како што стои и во неговиот зачуван пасош. При крштението добил име Василиј (Бистров). Неговиот татко, Дмитриј Николаевич Бистров, бил свештеник во истото село, кој заедно со својата презвитера Марија Ивановна Бистров израснале 5 деца, воспитани во традиционален православен дух. Марија во сон го видела својот син Василиј како стои на архиерејскиот престол и како го благословува народот, што се покажало дека е пророчки сон. Малиот Василиј се покажал дека многу талентиран, со многу дарови од Бога, па во текот на животот изучил и користел 11 јазици: староеврејски, арамејски, староегипетски, асировавилонски, санскрит, кинески и други. Откако дипломирал на Теологија продолжил со специјализација на катедрата за Библиска историја, и изработил дисертација на темата „Тетраграм, или старозаветното Божествено име Јахве“, која се смета за сериозно дело во богословската литература. Неговите полиглотски способности му овозможиле да ги чита изворните дела на светите отци на Црквата, па затоа и станал жива енциклопедија и еден од најобразованите богослови. На 21 ноември 1898 бил замонашен и ракоположен за ѓакон, па за јеромонах (на 6 декември истата година). На 28 јануари 1900 година бил произведен во архимандрит и поставен за инспектор за образование во Академијата. Извршил големо и позитивно влијание врз студентите, и благодарение на него, студентите не застраниле со Обновленците кои се појавиле во тој период.

Поради неговото образование, како и силниот подвижнички дух и нелажен живот, станал духовник на царското семејство. Служел Литургија во царскиот дворец, а царицата и четирите ќерки пееле на певница и секогаш се исповедале со солзи.

На 22 февруари 1909 година отец Теофан бил ракоположен во епископски чин. По тринаесет години служење во Академијата бил поставен за викарен епископ на Полтавската епархија, а по две години бил испратен во Астрахан, а тамошната клима многу лошо влијаела на неговото здравје. По неколку години бил испратен пак во Полтавската епархија. Поради револуцијата во 1917 година морал да ја напушти епархијата и заедно со група епископи заминал во Крим и останал до 1920 година. Во 1921 група архиереи заминуваат во Југославија. Архиепископот Теофан бил поканет од неговите поранешни ученици, бугарски митрополити, па во 1925 заминал во Бугарија, и тој период се покажал како најплоден за пишување богословски дела. Во 1931 заминува за Франција и се населува во близина на Париз, и ќе живее буквално во пештери. Во тој период живеел како вистински аскет, служел секојдневно Божествена Литургија, и поради кревкото здравје и влагата, се разболел и се упокоил на 19 февруари 1940 година. Бил погребан во присуство на само четири луѓе, на гробиштата во местото Лимере. Подоцна неговото тело е пренесено во Русија.

Животот на светиот Теофан да ни биде пример на сите, според неговите поуки и по неговите молитви, да зачекориме стабилно и непоколебливо по патот на спасението.


Предговор – Летај високо

Авторот на ова дело, протоерејот Сергиј Баранов е современ свештеник во уралскиот град Орск, секретар на епархијата, татко на шест деца, кој и покрај сите црковни и домашни ангажмани нашол време и сила да проповеда, да биде мисионер, и како плод на неговата мисионерска дејност да објави досега седум книги: „Бог, Којшто е“, „Кон Светлината“, „Мојот Бог“, „Летај високо“, „Христос – најслаткото Слово“, „Проповеди“, „Нашата најголема надеж“. Исто така самиот тој работи како иконописец, а основач е на иконописната школа во епархијата. Раководи со епархискиот оддел за затворско служење веќе 23 години. Претседател е на советот на домот за деца со ментално нарушување. Соработува со младинскиот театар „Средба“, а сценарист и режисер е на повеќе од 10 филмови, од кои дел имаат добиено награди на филмските фестивали: „Философија на покајанието“ (2012), „Мојата блажена Ксенија“ (2013), „Литургија“ (2014), „Не заборавај ме“ (2015), „Земјата Пиросмани“ (2016), „Писмо од Атос“ (2017), „Паралели“ (2018), „Ќе ви раскажам за руска Европа“ (2018), „Далеку“ (2018), „Вратете се“ (2019), „Ерусалим. Го барам Ерусалим“ (2019). Отец Сергиј е долги години духовник на Иверскиот женски манастир каде што со благослов на старец Ефрем од Аризона, сестрите се занимаваат со Исусова молитва, како главно духовно дело.

Отец Сергиј е добар раскажувач, кој искрено ги пренесува своите импресии и доживувања од посетата на светата земја, од читањето на Светото Писмо, од Христовиот живот, страдања, смрт и воскресение, пишува за Исусовата молитва, за духовното срце на човекот, за барањето на Бог, за рајот и пеколот, за Божјите заповеди од кои доаѓа благословот Божји, и на крајот завршува со прашања и одговори од неговата пастирска пракса. Неговата поента е дека не треба толку да зборуваме за Христос, туку треба почесто да зборуваме со Самиот Христос, но авторот тоа го прави ненаметливо, едноставно донесува заклучоци за многу теми од христијанскиот живот, со кои ние можеме, но и не мораме да се согласиме.

На сите богољубиви души им ја препорачувам оваа книга, да ја имаат во своите библиотеки, како секојдневно духовно четиво, за продлабочување на теолошките познавања, како и за стекнување нови и подлабоки духовни искуства.

Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=3192&Itemid=32