Тој беше роден на островот Евија, а воспитан во Цариград, кај најпрочуените учители на тоа време. Како клирик на Великата Црква, против неговата волја го избраа за епископ и го испратија во Охрид, каде што помина околу дваесет и пет години (отприлика од 1082 до 1108 година).
Хоматијан Охридски го нарекува „најмудриот епископ“. Човек со огромно образование, светско и богословско, со префинет византиски вкус, меланхоличен и чувствителен. Меѓу Словените на Балканот Теофилакт се чувствуваше како прогонет меѓу варвари.
Напишал толкувања на сите четири Евангелија и на другите книги на Новиот Завет. Тие се најдобро дело од тој вид после оние на свети Јован Златоуст, па денес се мошне скапоцени и корисни. Од останатите негови дела уште се познати „Писмата“ и „Житието на Свети Климент Охридски“.
На старост Теофилакт се повлече од Охрид во Солун, каде, како што се мисли, го заврши животот и премина во блажената вечност.
Неговиот спомен се празнува на 31 декември / 13 јануари.
Дел од неговите мошти се наоѓаат во манастирот „Св. Јован Претеча“ – Слепче, Демир Хисар.
