Блажениот Атанасиј Сајко вклучен во Соборот на новомачениците и исповедниците на Руската Црква

На 14 мај 2026 година, на заседание на Светиот Синод на Руската Православна Црква беше разгледан извештајот на претседателот на Синодската комисија за канонизација на светителите, епископот Троицки Панкратиј, во врска со пристигнатото барање од митрополитот Орловски и Болховски Тихон за вклучување на името на Атанасиј Андреевич Сајко во поименичниот список на Соборот на новомачениците и исповедниците на Руската Црква, соопштува интернет страницата на Руската Патријаршија.

Архијерејскиот Јубилеен Собор од 2000 година определил: „Во периодот по Соборот, поименичното вклучување во составот на веќе прославениот Собор на новомачениците и исповедниците Руски да се врши со благослов на Неговата Светост Патријархот и Светиот Синод, врз основа на претходни истражувања спроведени од Синодската комисија за канонизација на светителите“

Светиот Синод одлучи името на Атанасиј Сајко (+1967) да биде вклучено во списокот на Соборот на новомачениците и исповедниците на Руската Црква, во ликот на исповедниците. Споменот на блажениот Атанасиј Сајко, исповедник, ќе се празнува на 22 април / 5 мај, на денот на неговото упокојување. Чесните мошти на блажениот Атанасиј Сајко, исповедник, доколку бидат пронајдени, треба да се сметаат за свети мошти и да им се оддава должно почитување. На новопрославениот светител, според одлуката на VII Вселенски Собор, Синодот уреди да му се изработуваат икони за поклонение.

Името на блажениот Атанасиј Сајко е вклучено и во претходно утврдениот Собор на Орловските светители.

Кусо житие

Атанасиј Андреевич Сајко е роден во 1887 година во селото Даничево, Волинска губернија, во семејство на службеник. Од 1905 до 1908 година служел во војска, а од 1910 до 1916 година работел во различни установи. Во 1917 година се вратил во родното село, каде што работел како физички работник.

Во јули 1920 година бил уапсен и интерниран во градот Орел, во концентрациониот логор бр. 1, каде што останал до ноември истата година. По ослободувањето се населил во камбанаријата на Богојавленскиот собор во Орел и од тој момент го започнал подвигот на јуродството. На почетокот на 1920-тите години, по исцелување од тешка болест, со благослов на својот духовник стапил во манастир. Од 1926 до 1931 година пеел на певницата во Воскресенската црква на поранешните манастирски Атанасиевски гробишта во градот Орел.

Во април 1931 година повторно бил уапсен. Му било ставено на товар дека „водел агитација меѓу верниците против мерките на советската власт и партијата на село“. На сослушувањето Атанасиј потврдил дека на прашањата на луѓето за влегување во колхози одговарал негативно, но ги отфрлил останатите обвиненија. Во извештајот на Орловскиот оперативен сектор на државните органи на прогонот за него е дадена следната карактеристика: „Нецелисходно е да се врбува, понатамошна обработка не е потребна“. На 28 октомври 1931 година кривичната постапка против повеќе лица, меѓу кои бил и Атанасиј, била запрена поради недокажаност на кривично дело.

Во 1932 година Атанасиј бил сместен во Орловската психијатриска болница, каде што поминал 9 години. Кај него во болницата доаѓале многу верници за совет и утеха. Од 1941 до 1948 година подвижникот живеел во Орел, пеел на певницата во храмот и им помагал на жителите на градот во секојдневните работи. Во годините на војната ги укрепувал луѓето, давал духовни совети, предупредувал за несреќи и зборувал за судбините на војниците и заробените.

Од 1948 година повеќепати бил апсен и сместуван во психијатриски болници, во кои поминал уште 7 години. Во медицинските извештаи лекарите постојано ја забележувале религиозноста, спокојството, дружељубивоста и добрата нарав на Атанасиј. Во текот на целиот период поминат во болниците, кај него, како и претходно, доаѓале луѓе за помош и совет.

На 5 мај 1967 година, во 81-та година од животот, Атанасиј Андреевич се упокоил. Погребан е на Крстителските гробишта во градот Орел.

И покрај тоа што вкупно поминал повеќе од 18 години во психијатриски установи, кај него не биле утврдени психички нарушувања. Претставените архивско-истражни предмети и медицински досиеја од психијатриските болници (Орловска, Воронешка и Томска) документарно го потврдуваат исповедничкиот пат на подвижникот.

Примерот на неговите христијански добродетели — кротост, незлобивост, трпение и смирение — служел како поука за луѓето што доаѓале кај него. Почитувањето на исповедникот започнало уште за време на неговиот живот и продолжува до денес, повеќе од 55 години по неговото упокојување. Постојат сведоштва за чудесна помош по молитвите кон овој благочестив подвижник, вклучително и случаи потврдени со медицинска документација.

Извор: https://pravoslavie.ru/177570.html