(околу 617-690; латински: Hadelinus)
Пишува: Протојереј Златко Ангелески
Свети Гаделин е роден околу 617 година во Аквитанија, Франција. Тој бил монах во манастирот во чест на Свети Апостол Петар во Солињак, каде што игумен бил светиот Ремакл. Околу 647 година свети Ремакл го напуштил Солињак и се населил во Ардените, каде што во 648 година основал манастир во Стабул (Ставело). Откако свети Ремакл бил избран и поставен за епископ во Маастрихт, се разделиле животните патеки со Гаделин.
Тогаш свети Гаделин заминал да живее пустински живот, каде што му се приклучиле учениците, кои се занимавале со евангелизација на областа. Благодарение на даренијата на Пипин Херисталски, свети Гаделин бил во можност да основа манастир на тоа место, каде што подоцна се формирала населбата Сел.
Свети Гаделин блажено се упокоил во 690 година, токму во местото Сел, во близина на градот Ено, во Белгија. По неколку години запишани се и првите чуда, поврзани со неговото име: излекување на глувонеми, воскреснувањето на некоја жена по име Гиза, избликнување на извор во близина на Филипвил.
Во 1046 година, Лиежкиот епископ Вазо наредил да се изработи кивот за светите мошти на свети Гаделин. Заради несогласувања на монасите со земјопоседниците од Сел, во 1338 година моштите на светиот биле пренесени во црквата во чест на Свети Мартин во Визе, каде што се чуваат и денес.
Неговиот спомен Православната Црква го празнува на 3 февруари според Јулијанскиот календар.