Преподобен Исидор Пелусиот 

Преподобниот Исидор Пелусиот живееше во IV–V век. Потекнуваше од Александрија и израсна во средина на благочестиви христијани. Беше во роднинска врска со Теофил, архиепископот Александриски, и со неговиот наследник, светиот Кирил. Уште како млад го напушти светот и се повлече во Египет, на планината Пелусиот, која стана место на неговите монашки подвизи. 

Духовната мудрост и строгиот подвижнички живот на преподобниот Исидор, соединета со неговата широка образованост и длабокото познавање на човечката душа, му овозможија за кратко време да ја стекне почитта и љубовта на монасите. Тие го избраа за свој игумен и го возведоа во свештенички чин. Следејќи го примерот на свети Јован Златоуст, кого лично го виде и слушна за време на патувањето во Цариград, преподобниот Исидор се посвети пред сè на христијанската проповед – на онаа „практична философија“ која, според неговите зборови, е „и темелот и куќата“, додека логиката е „нејзиниот украс“, а „созерцанието – венецот“. 

Тој беше учител и несебичен советник за сите што му се обраќаа за духовна поддршка – било да е тоа обичен човек, велможа, епископ, александриски патријарх или самиот император. По него останаа околу 10.000 писма, од кои денес се зачувани околу 2.000. Поголемиот дел од овие писма содржат длабоки богословски мисли и толкувања на Светото Писмо. Тука преподобниот Исидор се истакнува како еден од најдобрите следбеници на свети Јован Златоуст. 

Љубовта и верноста на преподобниот Исидор кон свети Јован Златоуст се покажаа во неговите решителни постапки за одбрана на светиот отец за време на прогонот од императорката Евдоксија и архиепископот Теофил. По смртта на свети Јован, преподобниот Исидор го убеди наследникот на Теофил, светиот Кирил Александриски, да го внесе името на свети Јован Златоуст во црковните диптиси како исповедник. 

По иницијатива на преподобниот Исидор беше свикан Третиот вселенски собор во Ефес (431 година), на кој беше осудено лажното учење на Несториј за личноста на Исус Христос. 

Преподобниот Исидор доживеа длабока старост и почина околу 436 година. Црковниот историчар Евгариј (VI век) за него пишува: „Неговиот живот на сите им се чинеше како ангелски живот на земјата“. Друг историчар, Никифор Калист (XI век), вака го пофалува преподобниот Исидор: „Тој беше жив и вдахновен столб на монашките устави и на божественото видение, највозвишен пример достоен за топло подражавање и духовно поучување“.

Неговиот спомен се празнува на 17 февруари (по нов стил), односно 4 февруари (по стар стил).