Преподобен Кирил Лешочки (Пејчиновиќ)

Чиј спомен се празнува на 12 март (по стар стил), односно 25 март (по нов стил).

Роден во с. Теарце во 1771 година.

Заедно со татко му Пејчин, и со стрико му Далмат замина на Света Гора, во манастирот Хиландар. Таму Кирил се истакнуваше со својот подвиг и послушание, бивајќи неуморен во постот и молитвите. По извесно време беше замонашен и ракоположен во свештенички чин, а Божествената литургија ја служеше со особена љубов.

По Божја промисла и со благослов, заради проповед на Евангелието во својот роден крај, кој поради тогашните прилики во Отоманската империја беше недоволно духовно просветлен, го напушти Хиландар и се насели во манастирот на Св. Димитриј Солунски, наречен „Марков манастир“, во близината на Скопје. Тука стана игумен, неуморен во подвизите, постот, молитвата, препишувањето на стари ракописи, средувањето на манастирската библиотека и во проповедањето меѓу христијаните по околните села. Тука го напиша своето сочинение „Огледало“.

Потоа повторно се врати на Светата Гора Атонска, а по извесно време оттаму дојде и се насели во Лешочкиот манастир. Таму го напиша своето второ дело „Утешение грешним“, имајќи ја на ум Пресветат Богородица која ја сметаше за утеха на грешниците. Го обнови монашкото братство и монашкиот поредок.

Многу чудесни исцеленија се случија по неговите свети молитви.

Во 1835 година, поради нарушеното здравје и желбата за молитвено тихување се повлече од игуменската должност.

Се упокои мирно во 1845 година.