Преподобен Ремакл, апостол на Арденија

(?-663; Saint Remaclus; Remaculus, Remacle, Rimagilus)

Пишува: Протојереј Златко Ангелески

Преподобниот Ремакл уште од дете се одликувал со бистар ум и благочестивост. Свети Елигиј, откако ги видел неговите добродетели, иако млад, го поставил за игумен на манастирот Солинаке, каде што се истакнал како прекрасен организатор на монашкиот и духовниот живот во манастирот, кој се раководел според Бенедиктовиот устав. Откако за него дознал кралот Дагоберт, веднаш го повикал во кралскиот двор, каде што го поставил за раководител на „кабинетот на министрите“. Иако извршувал ваква висока државничка функција, свети Ремакл имал доволно време да се прослави и како „апостол на Арденија“[1], ширејќи го христијанството во најнепристапните предели и високи планини на оваа област, меѓу јазичниците, кои во почетокот со недоверба ја слушале неговата проповед. Таму го основал манастирот Ставелот, кој подоцна се прочул со многуте чуда, кои таму се случувале, а особено надалеку се зборувало за волкот, кој светителот го припитомил и кој оддалеку носел камен за доизградба на манастирот.

Подоцна свети Ремакл примил и епископски чин и раководел со епископските катедри во Лиеж и Мастрихт. Блажено се упокоил во 663 година и бил погребан во манастирот Ставелот.

Православната Црква неговиот спомен го прославува на 19 март според Јулијанскиот календар.

Извор: https://blagovesti.wordpress.com/2014/11/01/преподобен-отец-ремакл//


[1] Арденија денес е департамент во североисточна Франција, на границата со Белгија, и еден од департаментите на регионот Шампањ-Ардени.