(?-693 или 698; латински: Trudo)
Пишува: Протојереј Златко Ангелески
Свети Трудон е роден во местото Хеспенгау, денешна Белгија. Тој бил син на прочуени Франки: неговата мајка потекнувала од кралскиот дом во Австразија. Уште како дете, од малечките камења, со кои си играл, тој подигнал малечок храм. Како младо момче, често го посетувал храмот и богослужбите и срдечно ги помагал бедните и сиромашните. Според преданието, една ноќ, по вечерното молитвено правило, во видение му се појавил ангел светол, кој претскажал дека му претстои свештеничко служење.
Свети Трудон бил испратен кај свети Ремакл во Мец за обучување во црковното училиште. По завршувањето на богословските науки, некаде во 650 или 655 година, свети Трудон бил ракоположен во свештенички чин од свети Хлодулф, епископот на Мец. По ракополагањето, бил назначен за свештеник во епархијата Мастрихт.
Откако се вратил во родниот крај, веднаш ја започнал својата проповед меѓу јазичниците, па околу 656 година изградил малечок храм. При храмот имало и монашка ќелија, која била прибежиште за монасите-мисионери, од која подоцна, во IX век, изникнал манастирот во негова чест. Околу 660 година, свети Трудон го основал и манастирот во околината на Бриж.
Еднаш, за време на својата мисија, свети Трудон се задржал во домот на еден брачен пар. Ноќта, благочестивата жена, се разбудила и ја отворила вратата од собата, каде што ноќевал светителот. Но, кога ја отворила вратата, та видела чудо: два снопа на светлина се спуштале во собата, од кои едниот ја осветлувал неговата глава, а другиот нозете. Поразена од ова чудо, исплашената жена се стрчала и го разбудила сопругот, кој дошол и со свои очи го видел чудото. Откако биле убедени дека во нивниот дом дошол свет човек, тие го замолиле светителот да остане при нив уште еден ден. Светителот ја исполнил нивната молба, останал уште еден ден при нив, поучувајќи ги во вистината Божја. По нивна молба, светителот го крстил нивниот син.
Свети Трудон живеел строго по монашки правила. Цели ноќи ги поминувал во коленопреклонети молитви. На смртниот одар, откако се прекрстил, до последен здив со своите усни ги изговарал зборовите: „Насочи го патот, Господи, на твојот слуга, пред Твоите очи“. Неговиот спомен Православната Црква го празнува на 23 ноември според Јулијанскиот календар.