Преподобна Аделгунда

(639-684; латински: Aldegundis, Adelgundis)

Пишува: Протојереј Златко Ангелески

Преподобната мајка Аделгунда е родена во 639 година во градот Мобеж, во аристократско семејство, кое било блиско со династијата на франечките кралеви Меровинзи. Нејзините родители, светиот Валберт[1] и светата Бертилија, живееле во Фландрија, во провинцијата Ено. Освен Аделгунда, тие имале уште една ќерка – Валдетруда[2], која исто така го возљубила монашкиот живот. Тие искрено посакувале младата Аделгунда да стапи во брак, но таа го избрала манастирот за свое пребивалиште. Како монахиња, успеала да основа мал манастир на брегот на реката Самбра, во близина на градот Мобеж. Токму овој манастир, по неколку години, прераснал во женска бенедиктанска монашка заедница, во која преподобната Аделгунда станала и прва игуменија.

Сведоштва за животот на света Аделгунда се наоѓаат во актите на боландистите.

Преподобната мајка Аделгунда блажено се упокоила во 684 година во Франција. Нејзиниот спомен Православната Црква го празнува на 30 јануари според Јулијанскиот календар. Интересно е да се одбележи и тоа што, во нејзина чест е наречен и еден астероид (647), кој бил откриен во 1907 година.


[1] Свети Валберт (Walbert, Walber), или Валбер од Ено (Walbert de Hainaut), или Валдеберт (латински: Waldebertus) е роден во VI век. Тој бил управник во областите Самбри и Мези во времето на Хлотар II. Околу 650 година свети Валберт со оженил со света Бертила (Bertille de Thuringe). Во тој брак се родиле двете ќерки, Валдетруда и Аделгунда, кои се прогласени за свети. Свети Валберт примил Свето Крштение, откако неговата ќерка Аделгунда почнала да живее монашки живот. Свети Валберт поседувал замок во францускиот град Кузолре. По неговата смрт, бил вброен во хорот на светите. Во Кузолре постои параклис, посветен во негова чест. Неговиот спомен Православната Црква го празнува на 12 мај според Јулијанскиот календар.

[2] Света Валдетруда, Валтруда (француски: Waudru; холандски: Waldetrudis, Waltrudis; родена околу 612 – + 988, Монс), монахиња и сестра на света Аделгунда. Таа е прогласена за заштитничка на градот Монс и на провинцијата Ено во Белгија. За разлика од нејзината сестра, Валдетруда прво стапила во брак, во кој родила четири деца, кои подоцна се прогласени за свети: Аделтруда (крстена во чест на нејзината сестра), Маделберт, Ландрик и Дентелина. Откако нејзиниот маж заминал во манастир и се замонашил, и таа тргнала по неговите стапки и положила монашки завети. По совет на нејзиниот духовник, светиот Жислен, таа го основала манастирот во Монс, каде што таа била игуменија сè до нејзината смрт. Нејзиниот спомен Православната Црква го празнува на 9 април според Јулијанскиот календар.