Преподобна Амалберга од Мобеж

(?-690; Amalberga van Maubeuge)

Пишува: Протојереј Златко Ангелески

Преподобната Амалберга е родена во богато аристократско семејство во почетокот на VII век во местото Брабант. Таа била сестра на франечкиот мајордом Пипи Ланденски, сопруга на лотаринскиот херцог Витберг и мајка на неколку свети – епископот Емеберт[1], како и преподобните Рејнелда[2], Фараилда[3] и Гудула.

По смртта на нејзиниот сопруг, Амалберга заминала да живее во манастир во местото Мобеж, каде што и блажено се упокоила во 690 година.

Во иконографијата, преподобната мајка Амалберга е насликана со отворена книга во рацете и круна на главата. Нејзиниот спомен Православната Црква го празнува на 10 јули според Јулијанскиот календар.


[1] Свети Емеберт (?-710, Лотарингија; латински: Emebert) бил син на лотаринскиот херцог Витберг и на светата Амалберга од Мобеж. Според латинскиот агиографски изворник „Gesta Episcoporum Cameracensis“ (Делата на епископите од Камбре), свети Емеберт бил погребан во градот Хам, во близината на Камбре. По неколку години, неговите свети мошти биле пренесени во манастирот во Мобеж. Почитта кон свети Емеберт е раширена во белгиските градови Камбре, Гент и Арас. Неговиот спомен Православната Црква го празнува на 15 јануари според Јулијанскиот календар.

[2] Светата маченичка Рејнелда (630-700; латински: Reineldis) е родена во 630 година белгиското место Контих, а блажено се упокоила во 700 година. Таа е ќерка на лотаринскиот херцог Витберг и на светата Амалберга од Мобеж. Според латинскиот изворник „Vita Reneldis“, кој е напишан меѓу 1048-1051 година, света Рејнелда била на поклонение во Светата Земја. Откако се вратила дома, таа целиот свој живот го посветила во добродетелност. Споре историските преданија, таа била обезглавена за време на наездите на Хуните, заедно со светиот Гондулф и ѓаконот Гримоалд. Во 1553 година, во градот Сент во Белгија, била изградена црква во нејзина чест. Нејзиниот спомен Православната Црква го празнува на 16 јули според Јулијанскиот календар.

[3] Преподобната Фараилда (650-740: латински Pharaildis) е родена во 650 година во градот Гент. И таа е ќерка на лотаринскиот херцог Витберг и на светата Амалберга од Мобеж. Уште како девојка, таа дала личен завет на целомудреност, но против нејзината волја, била омажена. Нејзиниот маж постојано инсистирал на запазување на сопружничките обврски, но Фараилда останала верна кон дадениот завет на целомудреност, па заради тоа често патиу била тепана и малтретирана од сопругот. По некое време нејзиниот сопруг починал, па светата продолжила да живее според својот завет, сè до нејзината смрт во 740 година. Почитта кон преподобната Фараилда се раширила во IX век. Таа и денес е заштитничка на девојките, на градот Гент, на бракот и на вдовиците. На иконите е насликана како во своите раце држи гуска. Нејзиниот спомен Православната Црква го празнува на 4 јануари според Јулијанскиот календар.