Игуманија на Нивелската обител, нејзиниот спомен црквата го слави на 17 март
(626-659; Saint Gertrude of Nivelles)
Преподобната мајка наша Гертруда[1] била ќерка на Пипин Ланденски и света Ита, а била и блиска роднина на свети Бавон. Таа е родена во Ланден, во 626 година. Уште како млада девојка се одликувала со особени добродетели, презирајќи ја суетата на овој свет, а подоцна, по совет на свети Аманд, ја посветила својата девственост на Господа.
Но, синот на еден прочуен австразиски господин, ја забележал при кралскиот двор и не можел да остане рамнодушен на нејзината убавина. За ова тој му раскажал на кралот, па тој го повикал Пипин и неговата ќерка, за да им предложи средба со младиот господин. Но, Гертруда категорично го одбила овој предлог, а на кралот му кажала дека таа уште од детството ја посветила својата непорочност на Христа. Кралот, иако бил зачуден од овој одговор, сепак, ја одобрил ваквата нејзина одлука. Но, младиот господин, кој не очекувал таков одговор, жестоко се навредил. Пипин не бил задоволен од одлуката на својата ќерка, па одлучил да ги употреби сите можности како родител, за да влијае врз својата ќерка да ја смени одлуката. За младата девојка тогаш останал само еден излез – бегство. Со согласност на својата мајка, Гертруда побегнала од татковиот дом и се скрила во осамено место, каде поживеала извесен период, молејќи се и усовршувајќи се во добродетелите. Откако добро размислил, Пипин се помирил со одлуката на својата ќерка, па ја повикал да се измират, почитувајќи ја нејзината одлука.
Со смртта на Пипин завршил среќниот период во неговото прекрасно семејство. Во времето кога нејзината мајка основала манастир, според советите на свети Аманд, Гертруда се населила во Нивел, за да биде поблиску до мајка си. Но претендентите по нејзината рака, а и по наследството на Пипин, не се откажувале од намерите да се оженат со неа, така што нивната упорност немала граници, па Гертруда одлучила да замине во манастирот, со кој управувала нејзината мајка. Света Ита сама се погрижила да го воведе своето чедо по патот на монaшкиот живот, а свети Аманд ја замонашил. Набргу, преподобната постанала образец на благочестивост, милост, трпение и сите други добродетели. По смртта на нејзината мајка, света Гертруда го презела раководењето со манастирот. Но, плашејќи се дека грижата за манастирот ќе ја одвлече од молитвениот созерцателен живот, должноста им ја предала на неколку сестри, поделувајќи им ги должностите на секоја според можностите.
Според животописецот на нејзините подвизи, Гертруда била млада, убава, разумна и милостива. Таа сецело го посветила својот живот во помош на болните, несреќните и старите. Искрено и со широкоградост ги примала сите патници и туѓинци во својот манастир. Напамет го знаела речиси целото Свето Писмо и умеела да ги толкува нејасните цитати. Често пати по морнарите порачувала да ѝ донесат книги и мошти од светии, кои грижливо биле чувани во нејзиниот манастир. Но, ѓаволот, непријателот на човечкиот род, не ја оставил подолг период без искушенија. Тој поттикнал една разбојничка банда да ги малтретираат монахињите со навреди и грабежи, крадејќи им го дури и најнеопходното. Тие веќе имале и намера да го распуштат манастирот, но благочестивоста и упорноста на Гертруда набргу почнале да дејствуваат на разбојниците, па тие ги прекинале малтретирањата.
Преподобната Гертруда била и голема испосничка. Освен тоа, Господ честопати ѝ испраќал чудесни јавувања: неколкупати виделе, како над нејзината глава, додека се молела во храмот, се појавувала огнена светлина, која го осветлувала местото со силна светлина. Но, постот и бдеењата го истоштиле нејзиното тело, така што повеќе не можела да ја носи игуменската должност, па оваа обврска ѝ ја предала на Вилтруда, ќерката на Гримоалд.
Откако се ослободила од материјалните грижи, Гертруда целото свое време го посветила во молитва и милосрдни дела. И Господ секогаш ги исполнувал сите нејзини благоразумни барања. Кога свети Фејан, враќајќи се од Нивелскиот манастир, бил убиен на непознато место во планина, Гертруда одлучила да пребива во пост и молитва, сѐ додека не биде најдено телото на нејзиниот соподвижник. И навистина, по 77 дена поминати во еден таков тежок подвиг, таа имала видение, во кое видела една силно осветлено место во една шума. Гертруда го познала местото и таму испратила свои луѓе, кои го пронашле телото на свети Фејан и торжествено го пренесле во Фос, каде и го погребале.
На крајот, чувствувајќи дека телесните сили ѝ се при крај, го испратила еден слуга кај свети Валтан, игуменот на Фоскиот манастир, за да го праша за денот на нејзината смрт. Преподобниот одговорил дека таа ќе умре веќе утре, за време на светата Литургија, но порачал таа од ништо да не се плаши, зашто Царството небесно за неа веќе е отворено. И навистина, наредниот ден, околу 6 часот утрото, таа мирно се упокоила во Господа. Тоа се случило на 17 март 659 година, кога таа имала само 33 години.
И по својата смрт, преподобната продолжила да им помага на несреќните. Во една прилика избувнал голем пожар, па домаќинот на куќата, не знаејќи што да прави во тоа безумство, ја повикал преподобната на помош. За големо чудо, пожарот набргу изгаснал, а човекот со свои очи ја видел света Гертруда како со својата мантија го гасне пожарот.
Света Гертруда била погребана покрај својата мајка, во црквата на Свети Петар. Нејзиниот гроб набргу станал место, посетено од безброј поклоници. И тука се случувале многу чуда, а еднаш воскреснало и едно мало дете, кое пропаднало во бунар. Култот кон преподобната официјално го потврдил папата Гонориј III во 1220 година. Подоцна, изработен бил прекрасен кивот за чување на нејзините свети мошти, а во Нивел, во нејзина чест, бил изграден прекрасен храм во романски стил.
Преподобната Гертруда денес е почитувана во Малин, Гент и Лиеж. Таа е заштитничка на патниците, а има и посебен молебен, во кој ја повикуваат да биде чуварка од надоаѓања на глувци. Затоа, на многу икони, на крајот од мантијата, насликан е глушец како се фаќа за крајот од нејзината облека. Нејзиното име го повикуваат и оние несреќни, кои се обидуваат да вратат во живот давеник во вода.
Денес има многу цркви посветени во нејзина чест, меѓу кои и Нивелскиот храм. Постои и нејзина фреска во коптската капела на свети Атанасиј и Аманд во Лил. Нејзините свети мошти се чуваат Нивел и Лувен, а Православната Црква нејзиниот спомен го празнува на 17 март според Јулијанскиот календар.
[1] Гертруда на древногермански јазик значи „силно копје“.