Света Хилда беше ќерка на Херерик, братучед на кралот на Нортумбрија Едвин. Како и нејзиниот братучед, и таа прими свето крштение околу околу 627 година, по проповедта на свети Павлин Јоркски, кога имаше 13 години.
Вдахновена од примерот на својата сестра Хересвит, која беше монахиња во манастирот Шел во Галија, Хилда пристигна во Источна Англија, подготвувајќи се од таму да отпатува кај својата сестра на континентот. Но, свети Ајдан ја повика да остане во татковината и таа помина неколку години монашки живот на северниот брег на реката Вир. Потоа замина во двојниот манастир за монаси и монахињи во Хартлпул, каде што со голем успех беше игуманија. Тогаш Хилда се зафати со уредување на манастирот во Стриншалх, на местото кое две столетија подоцна Викинзите ќе го наречат Витби.
Под управата на света Хилда, двојниот манастир во Витби стана многу познат. Таму се изучуваше Светото Писмо, а најмалку петмина монаси од братството станаа епископи, меѓу нив свети Јован, епископ Хексамски, и св. Вилфрид, епископ Јоркски. Во Витби, во 664 година, се одржа прочуениот собор, кој меѓу другото го утврдил начинот за пресметување на Пасха. Славата на мудроста на преподобната Хилда беше толку голема, што од блиску и далеку пристигнуваа монаси, па и дури кралски личности за да побараат совет од неа.
Седум години пред нејзината смрт, преподобната заболе од тешка болест што не ја напушти до самата кончина, но и покрај тоа таа не занемари ниту една своја обврска.
Таа мирно се упокои во Господ по причестувањето со Светите Тајни во 680 година.
Нејзиниот спомен се празнува на 17 / 30 ноември.
