Чиј спомен се празнува на 17 април (по стар стил), односно 30 април (по нов стил).
Во времето кога, заради гревовите човечки, Бог допушти Исмаилќаните да владеат со Балканските земји, една група од нивни арамии ја нападна славната Слепченска обител на чесниот Претеча, на Велики четврток, во 1780 година. Притоа, свирепо го мачеа игуменот Кипријан и го гореа по целото тело, а тој, пак, поткрепен од Христа, храбро застана како столб и поткрепа на доверената му обител, одбивајќи да отстапи пред заканите на иноверните. Оставајќи го полумртов, разбојниците зедоа сè што беше вредно во манастирот. Храбриот, пак, Кипријан, по тридневното страдање, замина при Бога на денот на славното Христово Воскресение.
Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската православна црква (МПЦ), на својата редовна седница, одржана на 30 март 2017 година, разгледувајќи го предлогот на Комисијата за канонизација при САС на МПЦ, за канонизирање на светител во лицето на преподобниот архимандрит Кипријан Слепченски (+1780), врз основа на член 24, т. 11 од Уставот на Македонската православна црква, внимателно изучувајќи ги неговиот животен пат, пастирскиот подвиг и маченичката смрт, како и чудата што се случуваат по неговите молитви и непрестаното почитување од православниот народ, по опстојна дискусија, донесе одлука да го вброи во редот на светиите.
Како датум за негова богослужба, Синодот го определи денот на неговото упокојување и последниот ден недела од месец април, по нов стил.