Прослава на свети Никодим Милаш во Далматинската епархија

На празникот на свети Никодим (Милаш), на 4 октомври 2026 година, света Литургија во храмот „Христос Спасител“ во Шибеник отслужи Неговото Високопреосвештенство митрополитот Далматински г. Никодим од Српската Православвна Црква, кој на собраните верници и поклоници од Сремски Карловци им упати зборови на добредојде и поука, и помеѓу останатото, рече:

– Се собравме овде, драги браќа и сестри, да го прославиме Свети Никодим Милаш, светител кој е од нашиот род, кој е роден во нашиот крај и кој целиот свој монашки, професорски, свештенички и епископски живот го поминал во Далмација, за која велел дека е неговата мила Далмација. Тој целиот свој живот го посведочил и го посветил на Христа Воскреснатиот.

Истакна владиката, и продолжи:

Ние, драги браќа и сестри, треба да се угледаме на него и на неговата ревност и со целиот свој живот да покажуваме дека веруваме во живиот Бог. Свети Никодим Милаш го исповедал Христа во сите свои списи. Го прославил и овој свет престол на кој денес седам јас, ја прославил Далматинската епархија и градот Шибеник ширум планетата, бидејќи бил еден од најцитираните теолози на Српската Православна Црква од Свети Сава до денес.

Канонизација

Српската Православна Црква официјално го вброи свети Никодим Милаш во диптихот на светите на редовното заседание на Светиот Архијерејски Собор во 2025 година, за што известивме. Соборот го одреди неговиот празник да се празнува на 4 октомври / 21 септември.

Свети Никодим Милаш оставил обемно богословско и историско дело, но особено се истакнува како еден од најзначајните православни каноничари на своето време. Неговите „Православно црковно право“ и „Правила на Православната црква со толкувања“ имаат големо значење за изучувањето и разбирањето на православното канонско предание, додека со „Православна Далмација“ и собирањето историски документи дал значаен придонес кон проучувањето на историјата на Православието во Далмација.

Кратко житие на свети Никодим (Милаш), Далматинско-истарски епископ

(16 април 1845, Шибеник – 20 март 1915, Дубровник)

Овој преблажен и богоносен наш отец и учител на Црквата, Никодим, живеел во древните православни предели на светата Далмација. Тој престојувал во градот Задар, кој во тоа време бил под власт на Австро-Унгарија, а и неговото доверено паство било под тешка туѓинска власт. Родителите на овој благ пастир биле благочестиви во верата и големи во христијанското трпение. Тие живееле многу скромно, дури и сиромашно. Неговиот татко Тривун, потомок на многу побожно српско семејство во Далмација, се занимавал со трговија во австроунгарскиот град Шибеник. Неговата мајка Марија, по потекло Италијанка, со сето срце ја примила православната вера и подоцна, како што самиот свет владика Никодим сведочел, станала таква православна христијанка што била подобра од мнозина кои биле родени во таа вера, и таква останала до своето блажено упокоение.

Овој голем бранител на православната вера, нашиот отец Никодим, и покрај сите неволји и тешкотии успеал да ги заврши високите школи, како световните, така и духовните. По враќањето од Русија, по школувањето на Киевската духовна академија, верно ѝ служел на Христовата Црква како учител и духовен отец на православното училиште во Далмација. Кога австроунгарската власт се обидела да го наруши црковно-канонскиот поредок на светата Христова Црква, овој боговдахновен јерарх евангелски станал и со перо ја бранел Онаа што ниту вратите на адот нема да ја надвладеат, па во тој подвиг истрајал сè до своето блажено упокоение. А какви сè гонења, клевети, лукавства и напади достоинствено поднел овој Божји светител во едно од своите дела, посветени на верата на отците и на Христовата Црква, самиот тој подробно раскажува.

И, по Божја Промисла, откако бил издигнат на престолот на Далматинските епископи, смиреномудриот наш отец Никодим претрпел уште поголеми страдања, не само од безбожната власт, туку и од оние кои сакале стадото Христово да го поунијатат. Но, како што од дамнина нашите велики Отци станувале во одбрана на православната вера, така и праведниот Никодим не отстапил пред новото учење на Латините, туку огнено и со голема ревност ги поучувал своите осветени чеда и верниот православен српски народ на Христовата љубов и на одењето по тесниот пат кон горниот Ерусалим.

Апостолски ревнувал во Господовото лозје, непоколебливо држејќи се за Невидливиот како да Го гледа, и овој богомудар пастир и проповедник на Христовото учење се удостоил во денот на големите Христови страдања да ја предаде својата трудољубива душа во рацете на Небесниот Отец.

Свети оче Никодиме, моли Го Бога за нас!

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//17980.sveti-nikodim-milas-je-proslavio-eparhiju-dalmatinsku-i-grad-sibenik-sirom-planete.html