Света маченичка Мелитина

Светата маченичка Мелитина живееше во градот Маркианопол (денешен Девња, во Бугарија), во времето на императорот Антонин Пиј (138-161).

Таа беше ревносна христијанка и Господ ја беше благословил со дарот на чудотворството. Со силата на молитвата таа ги сруши идолите на Аполон и Херкул.

Нејзината пламена проповед обрати многу незнабошци кон Христа. Помеѓу нив беше и сопругата на началникот на градот Маркианопол. Кога тој дозна за тоа, ја осуди светата Мелитина на смрт, и таа беше обезглавена.

Враќајќи се кон својата татковина, македонецот Акакиј благоговејно го зеде телото на светата Мелитина со намера да ја погреба во Македонија. Но, по пат Акакиј се разболе и умре. Коработ со којшто патуваше застана на островот Лемнос и таму беше погребано телото на светата Мелитина, а до неа и Акакиј.

Нејзиниот спомен се празнува на 16 септември (по стар стил), односно на 29 септември (по нов стил).

Извор: https://denovi.mk/septemvri/29-094.html