(588-660; латински: Eligius; француски: Éloi, Eloy, Loye)
Пишува: Протојереј Златко Ангелески
Свети Елигиј е роден во сиромашно семејство. Како младо момче го изучувал златарскиот занает при Абон од Лимож. Според агиографските изворници, за потребите на франечкиот крал Хлотар II, Елигиј изработил две творби од злато, по што Хлотар II го назначил за кралски златар и мајстор во работилницата за пари. Во времето на Дагоберт I бил назначен за благајник при кралскиот двор. Освен тоа, свети Елигиј извршувал и дипломатски функции во државничките односи меѓу франките и бретонците. Како кралски златар, Елигиј многу време посветил и во добродетелноста, финансирајќи градби на многу храмови и болници.
По смртта на Дагоберт I, Елигиј во 641 година бил избран за епископ на градовите Нуајон и Турне, каде што го наследил блаженопочинатиот епископ Акариј[1]. На 13 мај 641 година тој веќе бил ракоположен во епископски чин. За време на својата пастирска дејност, тој активно се занимавал со проповедништво среде локалните јазичници, основал манастири и градел храмови.
Свети Елигиј блажено се упокоил на 1 декември 660 година. Во 667 година, неговите свети мошти биле преместени во соборниот храм во Нуајон. Нагов наследник на епископската катедра постанал светиот Момелен[2].
Ликот на свети Елигиј често се наоѓа на сликите на уметниците од болоњската школа, бидејќи тој е покровител на овој град. Најчесто во иконографијата е насликан како епископ, но постојат и икони каде што е претставен како златар, со занаетчиски алат во рацете.
Свети Елигиј денес е заштитник на златарите, часовничарите, нумизматичарите, ременарите, ножарите, браварите, металопреработувачите, седларите, алатарите, како и на електроинженерите во Австралија.
Интересно е да се одбележи и тоа што во 1984 година, во режија на италијанскиот режисер Дино Ризи, снимен е филмот „Добриот крал Дагоберт“, во кој е претставен и ликот на свети Елигиј во улогата на францускиот актер Мајкл Лонсдејл (Michael Lonsdale). Освен тоа, високата награда на Германското нумизматичко здружение го носи токму неговото име (Eligiuspreis).
Споменот на светиот епископ Елигиј, Православната Црква го празнува на 1 декември според Јулијанскиот календар.
[1] Свети Акариј (?- + 639 или 640, латински: Acarius), бил епископ на градовите Нуајон и Турне, чии територии денес се расположени во современите граници на Франција и Белгија. Околу 549 година бил ученик на светиот Колумбан. Не е познат датумот кога е избран и поставен за епископ, иако во историските акти за прв пат како епископ се спомнува во 627 година. Свети Акариј бил верен следбеник на свети Аманд, но и покрај своето големо влијание кај кралот Дагоберт I, не успеал да ја спречи одлуката за прогонување на свети Аманд. Свети Акариј блажено се упокоил во 639 или 640 година. Неговиот спомен Православната Црква го празнува на 27 ноември според Јулијанскиот календар.
[2] Свети Момелен (? – 685; француски: Momelin) по потекло бил од градот Констанца. Според агиографските изворници од XI век, Момелен работел како чувар на кралскиот печат при дворот на франечкиот крал Хлотар II. Во 615 година тој се населил во манастир, а во 640 година основал манастир во Сент-Омер и постанал негов прв игумен. По молба на свети Валберт, отпотувал во Теруан, за таму да му помогне на светиот Алдемар, во делото на проповедањето на христијанството. Во 660 година бил ракоположен за епископ на епархијата во Нуајон-Турне. Во 667 година токму Момелен ги пренесол моштите на свети Елигиј во Нуајон. Свети Момелон блажено се упокоил во 685 година, а во 1167 година неговите мошти биле, исто така, пренесени во Нуајон. Неговиот спомен Православната Црква го празнува на 16 октомври според Јулијанскиот календар.