Свети Јустин Философ

Пишува: Протојереј Златко Ангелески

Една од најистакнатите фигури на раното христијанство, Јустин Философ и маченик, роден е на тлото на Палестина, во самарискиот град Сихем (Флавиа Неаполис, Наблус), веројатно во првите години на II век. Родителите му биле хеленски колонисти, а Јустин по народност е Грк. Во него и онака има нешто изворно хеленско: страст за спознавање, потреба за сè, а најнапред за суштината на случувањата и постоењето, да ја знае целата вистина. Овој „нагон за философирање“ им е својствен на Хелените и заслужен е за настанувањето на сите големи антички философски системи. Но, времето во кое живее Јустин не е поволно за античката мисла. Извесна заситеност и некоја уморна изнемоштеност го запираат духот на тоа доба, правејќи го бесплоден. Тоа е главно доба на училишно и епигонско прераскажување, а не на творечко продолжување на она, што го создале некогашните великани на антиката: Платон, Аристотел, Питагора, стоиците. Во философијата продираат и многу хетерогени елементи, доаѓа до израз влијанието на источните култови и мистерии, се бара новото во еклектичната и вештачка синтеза на старото. Јустин, како и другите, тргнал по истиот пат, но ниту еден систем не го задоволувал. Затоа тој нема да остане ниту приврзаник на стоицизмот, ниту ученик на перипатетичарите, ниту питагореец, ниту платоничар. Дури средбата со христијанството, меѓу 133. и 140. година по Христа, ќе внесе мир во неговиот дух и од Јустин – патувачкиот философ, ќе го направи Јустин – апологет и мисионер на евангелската вера.

Откако го прифатил христијанството, Јустин се посветил на проповедањето на евангелието, сè уште во философска тога, со устен и пишан збор. Го пропатувал цел Близок Исток и стигнал во Рим, каде што собрал одреден број заинтересирани слушатели и основа училиште. Околу 132-135. година јавно полемизира со Трифон Јудеецот, и за тоа остава обемен спис – прочуениот „Дијалог со Трифон“, напишан по 160. година. Две апологии на христијанството им упатува на римските цареви, на Антонин Пиј во 150, и на совладателите Марк Аврелиј и Комод во 162. година. Својата мисла ја запечатил со смртта. Благодарение на дојавите на циникот Крескент, бил осуден на смрт и погубен како христијанин во Рим во 165. или 166. година.

Јустин е првиот христијанин-философ во вистинска смисла на зборот, првиот исповедник на Христовата вера кој, добро познавајќи ја античката философија, можел да заземе став кон основните проблеми на односот меѓу христијанството, од една страна, и комплексот на хеленско-римската философска мисла, од друга страна. Во „Дијалогот со Трифон“ доаѓаат до израз главните црти на Јустиновата философска и религиозна личност, а пред сè идејата за духовниот континуитет на вистината низ разни историски епохи и различни религиозно-философски системи. Еврејската религија, или „Законот“, како што вели Јустин, има своја функционална вредност на подготовка и праобраз на христијанското откривање на вистината. Мојсеевиот закон е провиденцијален; тој е израз на Божјата грижа за луѓето. Она што го разликува христијанството од јудејството е само степенот, градацијата во однос на вистината која живее во Бог. Додека Законот го претскажува доаѓањето на Месијата, Евангелието објавува дека Месијата дошол и дека тоа е воплотениот Бог Логос, Исус Христос. И додека Законот го негува месијанизмот на еден народ, дотолку христијанството ги преминува сите расни, народни и политички граници и станува идеологија на универзалното човечко спасение.

Околу таа мисла за единството на вистината, Јустин ги развива и своите апологии. Сета своја философска вештина тој ја употребува за да ја докаже суптилноста на христијанскиот монотеизам наспроти многубожечкото обвинување дека христијаните не веруваат во ништо. Наспроти политичките денунцијации за заговорничкиот и противзаконитиот карактер на христијанските заедници, Јустин ги прикажува христијаните како луѓе кои стремат кон духовни вредности, без никакви политички претензии. Најпосле, христијаните не се ниту неморални како што им се припишувало, туку нивниот морал е само поинаков од моралот на паганската средина во која живеат, па затоа таа средина не ги разбира, и во изразите на чиста, духовна братска љубов гледале алузија на сексуална изопаченост. Всушност, христијанството за Јустин е најсовршениот и најчистиот израз на онаа иста мисловна страст која ја раздвижувала како еврејската религија, така и хеленската философија, бидејќи и едната и другата, како и христијанството, ја мислат мислата на Логосот. Христијанството е, самото, потполно и совршено чисто откривање на Логосот, самата апсолутна вистина, бидејќи е објава на воплотениот Логос, кој веќе не е скриен зад апстрактните идеи за светот. Овде Логосот станал тело, таму сè уште е само идеја. Овде станал човек, Исус од Назарет, и пролева крв за луѓето, таму сè уште е копнеж за ослободување од кошмарот на духовното ропство, меѓу раѓањето и смртта. Јустин затоа никогаш не го изедначува христијанството со претхристијанската религиозна философија, христијанството за него е секогаш супериорно. Но, во претхристијанската философија тој го гледа дејството на истата вистина на која почива и самото христијанство. Причината е едноставна: човечката мисла, според Јустин (како и кај неоплатоничарите, главно), е „семе“ на апсолутната и единствена Мисла, човековиот логос – семе на божествениот Логос, и нема мисловен реалитет, нема мисловна вистина надвор од текот на логосното мислење и логосниот живот. Христијанската вистина е супериорна, но античката поради тоа не е невистинита. Спознавањето на вистината, а исто така и откривањето на вистината, е динамичен процес. Логосот, кој е самата Вистина, се открива постепено, во согласност со општиот план на спасението. Спознавањето е провиденцијално. Човекот спознава затоа што Логосот воопшто му дава да спознае и онолку колку што самиот Логос му се открива.

Св. Јустин Маченик останува со овие свои идеи како еден од зачетниците на христијанската философија, толку негувана во подоцнежните векови.