Споменот на светиот новомаченик Трендафил се празнува во истиот ден со светиот новомаченик Спасо Радовишки. Во краткото житие овие два светители се поврзани преку подвигот на мачеништвото:
Трeндафил беше родум од Загора, а Анастасиј (Спасо) од Радовиш, од струмичката епархија. Обајцата беа Словени, млади и прости луѓе. Но, љубовта Христова им беше помила од светот и од животот. Животот го дадоа, но Христа не Го изневерија. За Христовата вера пострадаа од Турците, и тоа Трeндафил во Цариград, во 1680 година, а Анастасиј во Солун, во 1794 година.
Родното место на светиот Трендафил беше местото Загора. Според некои житија, се работи за градот Стара Загора во Бугарија, а според други – за селото Загора во Тесалија, близу Волос, во Грција. Трети, пак, сметаат дека се работи за село Загора близу Солун, заради што е познат и како „Свети Трендафил Солунски“.
Годината на неговото раѓање е 1662, односно еден век пред светиот Спасо Радовишки. Родителите на Трендафил беа побожни и уште од раното детство го учеа својот син да верува во Бога и да живее според Неговата волја. Трендафил уште од мали нозе со длабока радост присуствуваше во селската црква, каде што обично со голема посветеност му помагаше на свештеникот и на селскиот хор. Чувствуваше особена почит кон нашата Пресвета Богородица и Свети Георгиј и затоа често се обраќаше кон нив во молитва, за некако да ја ублажи болката во тешките моменти од својот живот. Наскоро неговите родители умреа, а младиот Трендафил остана сирак.
За да преживее, почна да бара работа. Се случи некој капетан да го однесе на својот брод како морнар. Овој брод пловеше околу северниот дел на Егејското Море, превезувајќи стока. Понекогаш морнарите, од кои многумина Турци, се однесуваа добро со светителот, но понекогаш беа груби, го задеваа и исмејуваа, бидејќи тој беше многу побожен човек. Но, Трендафил не ја губеше бодроста, туку продолжуваше да се моли со уште поголема жар, полагајќи ги сите свои надежи само на Бога.
Еден ден бродот пристигна во пристаништето во Цариград. Тогаш Турците под разни изговори почнаа да му замеруваат на светителот. Тие отидоа кај претставникот на султанот и почнаа да го клеветат Трендафил, велејќи дека тој наводно решил да стане муслиман, а потоа се предомислил без да го одржи зборот, со што ја навредил нивната вера. Во тоа време, секој што ќе изразеше желба да стане муслиман, а потоа не го одржуваше својот збор, се сметаше за предавник, а Агарјаните го ставаа таквиот во затвор, каде што беше подложен на болно мачење. Така ги принудуваа луѓето да преминат во ислам, а во случај на непослушност – ги погубуваа. На таков начин и младиот Трендафил беше уапсен под лажни обвиненија и мораше да се појави пред турскиот владетел. Владетелот почна да го убедува да се откаже од христијанската вера за да ја избегне казната. Но, светителот храбро изјави: „Никогаш нема да се одречам од вистинскиот Бог и мојот Спасител Исус Христос!“
Тогаш Агарјаните го претепаа маченикот и го подложија на најстрашни маки за да го преобратат во муслиманската вера. Гледајќи ја неговата храброст и цврстина во верата, набргу сфатија дека нема да можат да го направат муслиман. Затоа го одведоа во Цариградскиот Хиподром, каде што беа убиени илјадници христијани, кои ја пролеаја својата крв за слава на нашиот Господ, и таму и на Трендафил му ја отсекоа главата. Имаше само 18 години. Ова се случи во август 1680 година.
Три века подоцна, во селото Загора, во Тесалија, беше подигнат свет храм, изграден во чест на светиот новомаченик Трендафил, а неговиот спомен нашата Црква го празнува секоја година на 8 август (по стар календар) односно на 21 август (по нов календар).
Дел од неговите мошти се наоѓа во манастирот „Свети Никола“ на островот Андрос, во Грција.