Пишува: Протојереј Златко Ангелески
Апостолот на Фландрија и Епископот на Мастрихт, неговиот спомен Црквата го слави на 6 Февруари
(594-651; Saint Amandus of Maastricht)
Свети Аманд[1] уште како младо момче го напуштил овој свет и заминал во манастир, и покрај спротивставувањето на неговиот татко, кој бил Аквитански херцог. Татко му не можел да се помири со одлуката на својот син да живее во манастир, па затоа постојано го барал, со цел да го врати во семејниот дом. Младиот Аманд, откако видел дека неговиот татко е упорен во намерата, заминал во Рим, каде што имал едно чудесно видение, по кое бил ракоположен во епископски чин и заминал во сеуште непросветената Белгиска Галија, која била населена со јазичници.
Само што пристигнал, свети Аманд почнал да основа манастири и цркви, уривајќи ги јазичничките идоли и на таков начин го всадил христијанството меѓу населението, кое било исполнето со омраза кон сѐ што е христијанско. Кралот Дагоберт, кој во почетокот немал симпатии кон епископот, зашто тој јавно ги изобличувал неговите пороци, на крајот се измирил со него и го утврдил на епископската катедра во градот Мастрихт[2]. Како епископ се прочул по својата добродетелност, а народот постојано од него барал благослов и поддршка за сите свои дела.
Споменот на свети Аманд, Православната Црква го празнува на 6 февруари според Јулијанскиот календар.
[1] Аманд (латински: amans) = љубезен, мил, достоен за љубов.
[2] Мастрихт (холандски: Maastricht; лимбуршки: Mestreech) денес е главен град на холандската провинција Лимбург. Градот има околу 120.000 жители и се наоѓа во јужниот дел од Лимбург, на брегот на реката Мас. Тој е еден од најстарите градови во Холандија. Прв епископ во Мастрихт бил свети Серватиј. Неговиот гроб денес се наоѓа во базиликата, која е посветена во негова чест. Со златниот сад, со земните остатоци на светителот, на секои седум години се извршува литија низ градот.