Свети отец Бавон

Пишува: Протојереј Златко Ангелески

Подвижник од Гент, неговиот спомен Црквата го слави на 1 Октомври

(589-654; Saint Bavo of Ghent; Bavon, Allowin, Baaf)


Преподобниот отец наш Бавон е роден во Лиеж, во прочуено и благочестиво семејство од франечко потекло, а на крштението го добил името Allowin. Неговиот татко се викал Пипин и имал висока чиновничка функција во областа Аустрасија. Меѓутоа, иако потекнувал од благородно семејство, Бавон уште од најмали години се здружил со невоспитани деца, па набргу надалеку станал познат разбојник и арамија. Познат по својата свирепост, станал предводник на една група бандити, кои сееле страв и трепет насекаде во околината. Меѓутоа, еднаш имал прилика да ја слушне проповедта на свети Аманд на еден градски плоштад, па не можел да остане рамнодушен кон неговите прекрасни и поучителни зборови. Оттогаш, Бавон одлучил да го напушти разбојничкиот пат, па целиот свој живот го ставил во служба на Бога, помагајќи му на свети Аманд во делото на Божјата проповед. Неговиот пример на многумина им послужил да се убедат во силата на Христовата наука, а неговите довчерашни другари-разбојници, полека ја напуштиле бандата и започнале да живеат чесен и честит живот. Сето богатство што го стекнал со разбојништво, го разделил по сиромаси, а имотот, кој го наследил од своите родители, го жртвувал за градење на манастир, каде што подоцна и самиот тој примил монашки потстриг и се предал на умртвување на телесните страсти. Во подвигот на смирението, Бавон се подвизувал со истиот оној елан, со кој дотогаш ги извршувал своите разбојништва. Пред крајот на својот живот, самиот доброволно се затворил во самица и се предал на уште поголеми самоодрекувања, така што од Бога бил удостоен со дар на чудотворство.

Преподобниот Бавон починал во манастирот кој самиот го изградил, во градот Гент во 654 година. Денес е заштитник на градовите Гент во Белгија и Харлем во Холандија, каде што во негова чест се изградени прекрасни цркви, а неговиот спомен Православната Црква го слави на 1 октомври според Јулијанскиот календар. Неговиот лик е дел од грбот на градот Вилријк, во близина на Антверпен.