Свети отец Серватиј, прв епископ на Тонгра

Пишува: Протојереј Златко Ангелески

(?-384; Servaas van Maastricht)

Чиј спомен црквата го слави на 13 мај

Свети Серватиј[1] е еден од првите епископи во Белгија, и прв епископ на областа Тонгра,[2] која е дел од денешна современа Белгија.

Скромните житијни податоци ни говорат дека тој е роден во Ерменија, па преку Ерусалим пристигнал во Белгија и Холандија. За одлуката да се тргне на толку далечен пат, пресудно било една јавување на Божји ангел, кој му наредил да започне проповед на христијанството во северните земји. За епископ бил ракополжен во градот Тонгерен, на територијата на современа Белгија.

При едно мисионерско патување во Германија, во градот Трир, Серватиј имал можност да се запознае со свети Атанасиј Александриски, кој во тоа време таму се наоѓал во прогонство. На црковниот Собор во Сердика (денешна Софија), во 343 година, Серватиј застанал во одбрана на свети Атанасиј од нападите на аријанците, за што ни сведочи и самиот Атанасиј во своите писма. Освен тоа, Серватиј влегол во историјата на Православната Црква и како еден од заштитниците на тринитарната догма од нападите на аријанците. Токму неговата ревност за чистотата на Православието, била пресудна за да ги осуди аријанските епископи на Соборот во Келн, во 346 година.

Во 350 година, Серватиј бил депутат на узурпаторот Магненциј до императорот Констанциј II во Едеса. На Помесниот собор во Римини (359-360), водел долги спорови со аријанците. На крајот на Соборот, мислејќи дека го потпишува оригиналниот документ, се потпишал на подметнат, на кој бил изложен аријанскиот симбол на верата. Меѓутоа, оваа аријанска лукавост набргу била откриена, па Серватиј наредил одново да се направи нов записник, на кој повторно се потпишале православните епископи.

Во 381-382 година бил на поклоничко патување во Рим, каде што во видение му се јавил апостол Петар, кој му наредил да ја премести епископската катедра од Тонгерен во Мастрихт, зашто набргу се подготвувал напад на Хуните.

Свети Серватиј блажено се упокоил во 384 година во Мастрихт, каде што до денес се чуваат неговите свети мошти, во соборниот храм, посветен во негова чест.

Во XII век, Хајнрих фон Фелдек, врз основа на латинските житијни податоци, го напишал житието на овој светител на народен, лимбуршки дијалект.

Свети Серватиј денес е прославен како заштитник на градовите Мастрихт, Гримберген и Шиндејл, а Православната Црква неговиот спомен го празнува на 13 мај според Јулијанскиот календар.


[1] Серватиј (латински: Servatio) = чувар, избавител.

[2] Тонгра или Тонгерен (Tongeren, Tongres) е древен белгиски град, кој во времето на Цезар бил центар на германското племе Тунгри. Се наоѓа на реката Геер, северозападно од Лиеж, во денешната провинција Лимбург. Во IV век тука била формирана првата православна епископија. Подоцна таа била издигната во Лиежко епископство. По освојувањата на Брабантците и Французите, Тонгерен ги загубил сите привилегии. Денес во градот живеат околу 30.000 жители.