Пишува: Протојереј Златко Ангелески
Франечкиот мајордом на Австразија, неговиот спомен Црквата го слави на 21 Февруари
(580 – 640; француски: Pepin de Landen)
Свети Пипин[1] во историјата уште е познат и како Пипин Постариот или Пипин I. За време на владеењето на кралот на Меровингите, Дагоберт I, тој бил франечки мајордом на Австразија, а подоцна бил мајордом и на кралот Зигеберт III.
Според „Фредераговата хроника“, главниот извор за Пипиновата биографија, неговиот татко се викал Карломан. Неговата титула „Ланденски“, најверојатно упатува на градот Ланден, кој денес се наоѓа во фламанскиот дел на Белгија, а најверојатно тоа е и местото на неговото раѓање. Со свршувачката на неговата ќерка Бега за Ансегисел, синот на Арнулф, епископот на Мец, дошло до обединување на двата моќни клана на Пипинидите и Арнулфинзите, од кои подоцна ќе се изроди династијата на Каролинзите.
Заедно со неколку благородници од Австразија и Бургундија, во 613 година Пипин се свртил против старата регенткиња Брунхилда, која владеела во името на нејзиниот правнук Зигеберт II. Освен Пипин и Арнулф, во оваа група на незадоволници, кои пребегале кај кралот Хлотар II, биле и Варнахар II и Радон.
Современиците отсекогаш го фалеле Пипин поради неговата вонредна мудрост и давање совети за добро управување со државничките работи. Иако некои непријатели се обидувале да го свртат кралот против него, Пипин успеал да се одржи на позиција до 629 година. Тогаш, од засега непознати причини, тој се повлекол од позицијата мајордом, па заминал да живее на својот семеен имот.
Дури по смртта на Дагоберт, во 639 година, Пипин повторно ја презел должноста на мајордом на Австразија, во името на Зигеберт III. Негова главна задача била да ја надгледува поделбата на кралската ризница меѓу Зигеберт и неговиот брат Хлодовик II, во чие име со Неустрија и Бургундија владеела кралската маќеа Нантхилда. Зигебертовиот дел од наследството набргу бил добиен, благодарение на пријателството меѓу Пипин и бургундскиот мајордом Его. Куниберт Келнски, како главен советник на кралот Зигеберт, примил дел од ризницата во Кампије и ја пренесол во Мец. Набргу потоа, Пипин починал.
Популарноста на Пипин била толку многу голема, така што, иако никогаш званично не е канонизиран, многу мартириолози го вбројуваат меѓу светите. Со својата сопруга Ита, тој имал два сина и две ќерки: Гримоалд, кој бил мајордом на Аустразија; Бавон, кој бил пустиножител и кој е канонизиран; Бега, која била мажена со Ансегисел и која подоцна е канонизирана за светителка; Гертруда, која се замонашила во манастирот, основан од нејзината мајка во Нивела и која е канонизирана.
Моштите на свети Пипин денес се положени во црквата на Света Гертруда во Нивелскиот манастир. Тука се наоѓаат и две статуи, на кои се претставени тој и неговата сопруга Ита. Православната Црква неговиот спомен го празнува на 21 февруари според Јулијанскиот календар.
[1] Пипин = остроумен