(636-696; Saint Lambert of Maastricht)
Пишува: Протојереј Златко Ангелески
Свети Ламберт[1] бил син на благочестиви и благородни родители. Како младо момче пројавил вонредни способности, па затоа, уште на 21-годишна возраст бил поставен за епископ во градот Мастрихт. Градскиот првенец Ебруан, кој завидувал на успешноста на свети Ламберт, го протерал епископот од градот, па заминал во манастирот Ставело, со кој раководел свети Ремакл Арденски, каде што живеел седум години, и тоа во крајно смирение, како обичен монах, без да нагласува или да бара почести дека е епископ.
По враќањето на епископската катедра, тој продолжил со активности за ширење на христијанството и ја проширил својата апостолска мисија и во непристапни краишта. Во една прилика, јавно го укорил Пипин Херисталски за неговиот вонбрачен живот со Алпаја, мајката на Карло Мартел. Не можејќи да ги поднесуваат неговите јавни укорувања на државни првенци и велможи, свети Ламберт бил убиен во 696 година од франечкиот гроф Додон (брат на Алпаја), во време кога ги извршувал секојдневните молитвени подвизи.
Свети Ламберт се прочул и како мисионер по сите населени места по текот на реката Мас.
Споменот на свети Ламберт, Православната Црква го празнува на 17 септември според Јулијанскиот календар.
[1] Ламберт (од германски јазик) = сјаен, блескав.