Свети Вјачеслав, кнез Чешки

Благоверниот Вјачеслав (познат и како Венцислав или Вацлав), кнез Чешки, беше внук на светата кнегиња Људмила, која го воспита во христијанската вера. Добивајќи прекрасно образование од презвитерот Павле, ученик на светителот Методиј, свети Вјачеслав владееше со словенскиот, латинскиот и грчкиот јазик и беше сестрано образован. Неговиот татко, кнезот Ростислав , загина во 920 година во бој со Угрите (Унгарците), па 18-годишниот Вјачеслав стапи на кнежевскиот престол.

Тој управуваше мудро и праведно, грижејќи се за христијанското просветување на својот народ. Откупувајќи ги децата на паганите што биле продадени во ропство, тој ги даваше на воспитување во христијански дух. Кнезот Вјачеслав беше мирољубив, го почитуваше свештенството и ги украсуваше храмовите. Тој многу се потруди за зацврстување на христијанството во Чешка. Ги пренесе моштите на маченикот Вит во престолнината на Чешка, Прага, и изгради за нив величествен храм во името на свети Вит.

Германското свештенство, кое претходно го прогонуваше свети Методиј, му се спротивставуваше и на свети Вјачеслав и ги подбуцнуваше завидливите големци против него. Овие големци почнаа да прават сплетки против Вјачеслав и го наговорија неговиот помлад брат Болеслав да го заземе престолот. За да се ослободи од Вјачеслав, Болеслав го покани на осветување на храм. Вјачеслав одби да им верува на слугите кои го предупредуваа за заговорот. Тој отиде во храмот на утринска богослужба и на прагот од храмот беше убиен од својот брат и неговите пријатели. Тоа се случи во 935 година. Исеченото тело на свети Вјачеслав неколку дена лежеше без погреб, поради што народот негодуваше и се вознемируваше. Мајката, дознавајќи за убиството на Вјачеслав, го погреба неговото тело во црквата при кнежевскиот двор. Крвта пролеана на црковните врати долго време не можеше да се измие. Болеслав, станувајќи владетел, се зафати со искоренување на православието во Чешка и со засадување на католицизмот. Тој инсистираше литургијата да се служи само на латински јазик. Под притисок на народот, кој го почитуваше Вјачеслав како маченик, братоубиецот очигледно се покаја и ги пренесе неговите мошти во Прага, погребувајќи ги во црквата Свети Вит. Страстотрпецот Вјачеслав, заедно со кнегињата Људмила, се почитуваат како заштитници на Чешка.

Неговиот спомен се слави на 28 септември (по стар стил), односно 11 октомври (по нов стил).