Светиот Митрофан и со него други 222 Кинески исповедници и маченици

Чиј спомен се празнува на 11 јуни (по стар стил), односно 24 јуни (по нов стил)

Пострадани за време на т.н. „Боксерско востание“, во 1900, кое беше насочено против туѓинците и против христијаните.

Бунтовниците ги запалија просториите на православната мисија и многумина од христијаните, криејќи се, се собраа во домот на свештеникот Митрофан (кој беше ракоположен за свештеник од самиот свети Николај Јапонски). Бунтовниците го опкружија домот на Митрофан, во кој тогаш беа собрани околу 70 христијани, меѓу кои и жени и деца. Митрофан ним им беше ангел-утешител, кој ги бодреше и тешеше пред да го задобијат венецот на славата. Бунтовниците сите ги мачеа и повеќето од нив издивнаа истиот ден, од раните од мачењето.

Меѓу еден од оние што останаа живи по тој напад, беше 8-годишниот Јован, на кого му ги расекоа рамениците и му ги отсекоа ножните прсти, носот и ушите. Наредниот ден, без облека и обувки, тој седеше на влезот и на прашањето на луѓето дали го боли, одговараше – не. Децата му се потсмеваа, нарекувајќи го „следбеник на ѓаволот“. Но, тој одговараше: „Јас сум следбеник на Христос Бог“. Јован бараше вода кај соседите, но тие не само што не му ја даваа, туку и го бркаа. Иако раните беа многу длабоки, момченцето не чувствуваше болка и кога повторно го фатија, не покажуваше страв. Придружуван од потсмев и навреди од страна на своите сограѓани безбожници, беше заклан како јагне.

Меѓу постраданите за Христос имаше и Албазинци, потомци на оние славни Албазинци што ја донесоа светлоста на Христовата православна вера во 1685 година во главниот град на Кина, Пекинг, и ја сочуваа верноста кон неа. За верност кон светото православие Господ ги награди нивните потомци со славата на мачеништво и исповедништво.

Вкупно пострадаа 222 христијани и се здобија со маченички венци.