„Многу јасни се плановите на Турците, кои бараат не само консолидирање на она што е остварено, туку целосно заземање на Кипар“. Кипарскиот Архиепископ Георгиј ова го изјави во манастирот „Махера“ (на Кипар), каде беше отслужен помен по повод годишнината од загинувањето на Григорис Авксентиу (борец на Националната организација на кипарски борци, загинат во борба против Англичаните во 1957 година).
Архиепископот упати апел до грчката влада, и до целиот грчки свет, да не го остават Кипар да биде жртва во рацете на Турците. При тоа, тој нагласи дека „ако падне овој последен бастион на елинизмот, тогаш ќе започне деконструкцијата на цела Грција“.
„Денес, шеесет и седум години од неговата (на Григорис Авксентиу) херојска жртва, ние, како никогаш до сега, имаме потреба да земеме пример од него. Денес сме во опасност повеќе од кога било. Многу јасни се плановите на Турците, кои бараат не само консолидирање на она што е остварено, туку целосно заземање на Кипар. Сакаме да земеме храброст од неговата храброст, да земеме херојство од неговото херојство, па да можеме да ги поништиме целите на Турците“ – истакна Архиепископот.
Понатаму, тој порача: „Целиот грчки свет (елинизам), заедно, по секоја цена (жртва) да се избориме, а во овој момент, од оваа моја позиција како Претстоител на Црквата на Кипар, апелирам и до целокупниот грчки свет (елинизам), и кон грчата влада, да не го напуштаат Кипар, да не го остават да биде жртва во рацете на Турците. Заедно треба да се соочиме со турскиот експанзионизам, затоа што ако падне овој последен бастион на елинизмот, тогаш ќе започне деконструкцијата на цела Грција“.