100-годишнина од осветувањето на храмот „Света Троица“ во Битола

На 2 јуни 2026 година, кога Светата Православна Црква го празнува споменот на свети Јован Шангајски и Санфранциски, Чудотворец, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи света архијерејска Божествена Литургија во храмот „Света Троица“ – Руска црква во Битола.

На светата Литургија, Митрополитот г. Петар сослужуваше со протоерејот-ставрофор Никола Грамбизов и протоѓаконите Драган Ѓоргиевски и Константин Сековски.

Оваа година прославата на споменот на свети Јован Шангајски беше дополнително збогатена со одбележувањето на 100-годишнината од осветувањето на храмот, еден значаен јубилеј кој сведочи за вековното молитвено присуство и духовниот живот во овој свет храм.

Во молитвена радост и благодарност кон Бога, верниот народ се собра да земе учество во светата Литургија, прославувајќи го големиот светител на нашето време – Свети Јован Шангајски, и принесувајќи благодарност за благословот овој храм веќе цел еден век да биде место на молитва, утеха и духовно укрепување – известува Преспанско-пелагониската епархија.

Извор: http://www.pppe.mk/2026/sveta-arhierejska-liturgija-vo-hramot-sveta-troitsa-vo-bitola-po-povod-praznikot-na-sveti-jovan-shangajski-i-100-godishninata-od-osvetuvaneto-na-hramot/